Со посета на музејот на Акропол и со говор во културниот центар „Ставрос Ниархос“, продолжува посетата на американскиот претседател Барак Обама на Атина. Обама во моментов е во историска посета на Акропол, а потоа ќе замине во новото архитектонско ремек-дело во градот, центарот „Ставрос Ниархос“, каде ќе одржи говор за неговата визија за иднината на демократијата во време кога популизмот и национализмот се во пораст на глобално ниво.

Во Грција постои задоволство од пораките на Обама за поддршката за олеснување на грчкиот долг, со надеж дека овие пораки ќе бидат слушнати и прифатени и од европските и од меѓународните кредитори во моменти кога продолжуваат преговорите и проценката за исполнетите реформи на грчката влада.

Посетата на Обама не помина без протести и инциденти. Полицијата уапси пет и приведе осум лица кои учествуваа во немирите на протесите на левичарските и на анархистичките здруженија во центарот на градот.

Протести одржаа синдикатот на Комунистичката партија и десетици левичарски и анархистички здруженија, и покрај полициската забрана за собирања за време на дводневната посета на Обама. Инцидентите почнаа при обидот на демонстрантите да го пробијат полицискиот кордон и да продолжат кон грчкиот парламент. Полицијата возврати со солзавец, по што се создадоа мали судири со демонстрантите.

Иако немирите во центарот на градот се смирија за кратко време, група од околу 100 анархисти продолжи со судирите со полицијата во квартот Ексархија, околу Политехничкиот факултет.

Протестите се очекува да ескалираат утре за време на прославата на Политехнио, односно годишнината од почнувањето на бунтот против воената хунта.