!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Николовски најави 10 милиони евра за зголемени субвенции и за млади земјоделци


Скопје, 4 август, 2017 - 14:59 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, попладнево ги образложи новите мерки што Владата ги донела за поддршка на земјоделците. Тие вклучуваат 10 милиони евра што ќе се распределат за зголемување на субвенции и за директна поддршка на млади земјоделци.

Мерките се предвидени со измените на Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделство и на Програмата за рурален развој.

Измените на програмата за директни плаќања се по барање на земјоделските здруженија за зголемување на субвенциите за производителите на пченица, кои годинава имаа ниски приноси поради лошите временски услови, образложи Николовски.

– Земјоделците ќе добијат дополнителни 6.000 денари од хектар пченица, што се вкупно 2 милиони евра повеќе од субвенциите што ги добиваат сега. За јачменот е предвиден дополнителен 1 денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи. Ќе реагираме и кај лозовите и овошните насади каде што, исто така, годинава родот е преполовен. За таа цел 25.000 лозари и 15.000 овоштари ќе имаат зголемена субвенција од 10 отсто по хектар за да се надомести дел од штетата, главно поради измрзнувањето на насадите. За градинарите, исто така, одвоивме дополнителни 10 отсто од висината на сегашните субвенции по хектар, а за сточарите поддршката е преку зголемените субвенции за 10 отсто по хектар фуражни култури. Тоа се уште 2 милиони евра предвидени за реализација на овие мерки – рече министерот за земјоделство.

Тој нагласи дека се распишува и оглас за неповратна помош од 10.000 евра за млад земјоделец. Ќе се воведе и субвенција за подигнување повеќегодишни насади, со која ќе бидат опфатени и  земјоделците што извршиле есенско подигнување во 2016 година и на оние кои извршиле пролетно подигнување во 2017 година.

– Само овие две нови мерки, во согласност со програмата на Владата, ќе овозможат директен трансфер на 6 милиони евра, кои овојпат ќе завршат кај вистинските земјоделци до крајот на годината – рече Николовски.


Приносите на пченица и на јачмен се пониски поради неповолните временски услови


Куманово, 20 јули, 2017 - 12:15 (META) 

Заврши жетвата на јачмен во Кумановскиот Регион, а ожнеани се и повеќе од 90 проценти од површините со пченица, но приносите на двете култури се пониски во однос на претходните години, најмногу поради неповолните временски услови, информираат од подрачната единица на Министерствто за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кај земјоделските претпријатија приносите се од 2.000 до 2.500 килограми по хектар, додека кај индивидуалните земјоделци – од 1.000 до 1.500 килограми од еден хектар.

 Во Кумановско, поради пролетниот мраз во феврауари, штета претрпеа лозовите и овошните насади од 40 до 100 проценти. Подоцна, штета претрпеа и градинарски култури и овошните насади вторпат, што значително ќе влијае на приносите.

Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ


Битола, 15 мај, 2017 - 10:50 (META) 

Априлскиот студ и мраз годинава го уништи родот кај близу 650 земјоделци од Пелагонија. Според подрачниот раководител  на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во Битола, Илија Србиновски, денеска завршува увидот на стручните комисии за проценка на штети, по што извештаите ќе бидат пратени во министерството во Скопје за исплата на штетите.

– Три комисии, секоја со три члена, постапија по секоја пријава на оштетените земјоделци и заклучно е дека 648 индивидуални земјоделци, земјоделски фирми како и ЗК „Пелагонија“, „Лозар Битола“ претрпеле штети од 50 до 100 проценти од априлските мразеви и од студот. Најмногу се оштетени лозовите насади, јаболката, крушата, црешите – изјави Србиновски.

Според земјоделците, родот е преполовен не само од мразот, туку и од пролетната суша.

Во Битолско-пелагонискиот Регион под есенски култури се засеани 22.000 хектари, по што со преполовени приноси се соочуваат производителите на јачмен и на пченица.

– Ваква априлска суша, никогаш не сме имале на ова подрачје. На многу места комбајните нема што да работат, и пченицата и јачменот и другите култури се загрозени. Ни една машина не може да сработи на ваква суша – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Земјоделците спасот од сушата го гледаат во копање бунари, како и во средствата за обесштетување од претрпени штети, кои не влегуваат во осигурителните полиси.