Филипче: Бројот на загинатите е 14, не 15, а седум се во критична состојба


Скопје, 14 февруари, 2019 - 12:47 (META) 

Не се основани шпекулациите дека починал уште еден од повредените во вчерашната автобуска несреќа, и дека бројката се искачила на 15 загинати, соопшти министерот за здравство Венко Филипче претпладнево, по посетата заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи, кој инаку е хирург, на полесно повредените кои се хоспитализирани во скопската Градска болница „8 Септември“.

Премиерот Заев се заблагодари и на итната помош, на полицијата и пожарникарите, како и на „8 Септември“ и на Клиничкиот центар, како и на тетовската болница, но исто така и на локалното население што прво притрчано да помага на повредените.

– Сакам да се заблагодарам на „8 Септември“ каде сме сега, на Клиничките центри, сите други јавни институции и во Тетово и во Гостивар, но и на полицајците и пожарникарите и на сите други јавни служби кои беа со желбата да помогнат на луѓето и да учествуваат во нивното спасување.  Сакам да се заблагодарам од името на Владата за солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани од селото кошто притрчаа во првиот момент и буквално покажаа човечност, големина. Владата е подготвена да помогне за се што треба, за повредените, секако и за семејствата на загинатите. Навистина огромна трагедија, која ја обви во тага целата наша земја – порача премиерот Заев.

И министерот Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите, како и благодарност до локалното население.

Тој уверуваше дека сите возила на Итна помош од Скопје веднаш по дојавата се упатиле кон местото каде излета и се преврте автобусот на Дурмо Турс и изрази огромна благодарност до приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Неуромедика“ бидејќи веднаш ги испратиле своите возила за Итна помош за да помогнат во помагањето и превезувањето на повредените.

-Исклучително брзо и промптно реагираше службата за Итна помош, на ефикасен и професионален начин дадоа брза помош. Мора да дадам благодарноста на двете приватни болници кои излегоа во пресрет со нивните амбулантски возила и ги транспортираа повредените овде во „8 Септември“. 80 отсто од персоналот беше на работа за вмногу краток временски интервал од 15 минути и се организираше системот, се направи тријажа и се сместија во соодветните оддели за лекување тука и во Клиничкиот центар. Во овој момент во „8 Септември“ има четири пациенти кои се во одделот за интензивна нега и се во критична состојба, и уште тројца пациенти кои се во Клиничкиот центар во одделот за интензивна, врз кои во текот на ноќта се изврши хируршка интервенција и тие утрово се во критична состојба. Искрено се надевам дека овие 7 пациенти ќе ја надминат оваа криза и понатаму ќе го продолжат лекувањето – рече Филипче, појаснувајќи дека ноќеска е оперирана уште една пациентка во „8 Септември“ која уште е во критична состојба.


Пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега на Клиника за детски болести


Скопје, 13 октомври, 2017 - 12:42 (META) 

Денеска е пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести.

„Одделот за интензивна нега ќе работи со истиот капацитет како и досега, со можност да се зголеми со нови вработувања на медицински персонал, со што ќе се испочитуваат високите стандарди на згрижување на најтешко болните деца и ќе се гарантира безбедноста на пациентите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.


Починал носителот на независна листа што беше застрелан во Кичево


Скопје, 5 октомври, 2017 - 11:02 (META) 

Носителот на независна листа на советници во Кичево, 40-годишниот Алит Абази, кој на 27 септември во центарот на Кичево беше застрелан, утрово починал на КАРИЛ во скопскиот Клинички центар.

Абази од ранувањето беше во критична состојба на интензивна нега, поради сериозни повреди на абдоминалните органи и на ’рбетот.

Врз Алит Абази, како и Дестан Абдиу, шеф на неговиот изборен штаб, и Шабан Далипи, случаен минувач, пукаше 58-годишниот Абдула Абдули. Убиецот беше набргу приведен, а судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција го повтори тврдењето на полицијата дека нападот не е поврзан со изборната кампања.

Премиерот Зоран Заев синоќа на митингот во Општина Ѓорче Петров, осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.