!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Со сино пребоени жолтите столчиња на стадионот во Штип


Штип, 5 април, 2017 - 16:52 (META) 

Во герила-акција ноќеска биле поминати со „х“ во сина боја свежо обоените жолти столчиња на трибините на стадионот каде игра фудбалскиот клуб „Брегалница“. Ноќниот чувар забележал три-четири луѓе, кои трчајќи го напуштаат стадионот.

Трибините на реновираниот стадион пред една недела добија редови со столчиња во жолта и во црвена боја. „Герилците“ успеале да ги префарбаат само жолтите столчиња. Притоа на претседателот на клубот, Ане Бојаџиев, му напишале „последна опомена“ со содржина „Брегалница е сино-бела и клубот не е твој“.

Претседателот Бојаџиев, кој е и директор на ЈП „Исар“, го осуди овој чин и рече дека полицијата работи на откривање на сторителот.

– Стадионот е градски, не е на „Брегалница“. Столчињата се обоени со боите на  националното знаме, кое  е жолто-црвено. Тука нема да игра само „Брегалница“, туку на обновениот стадион, кој е со висок стандард, ќе се играат и други натпревари – изјави Бојаџиев.

Но, вака не размислуваат и дел од штипските фудбалски љубители. На социјалните мрежи има разни коментари за тоа дека мора да се почитуваат клупските бои.

„Сите стадиони во светот се на нечии газди или на градови, но не стават бои какви што ќе се сетат, туку во боите на клубот. Еден клуб се одликува според бојата и тоа е вистинското обележје. Да не го споменуваме и псевдонимот на „Брегалница“ – Штипски сини“, е една од реакциите.

Фудбалскиот клуб „Брегалница“ годинава треба да одбележи 96 години од постоењето. Во сина боја е амблемот на клубот од кога постои, а сини се и дресовите во кои играат фудбалерите.

Од неодамна, по неуспешните два јавни повика за продажба на клубот, „Брегалница“ е целосно финансирана со пари од општинскиот буџет.


Објавен тендерот за продажба на ФК Брегалница


Штип, 16 септември, 2016 - 15:48 (META) 

Општината Штип денеска објави јавен повик за поднесување на понуди за продажба на акции, сопственост на Општината во фудбалскиот клуб Брегалница. На продажба се 250 обични акции, а една акција чини 100 евра. Општината очекува минимални 25.000 евра од целиот пакет.

Сепак услов за влез на нов сопственик е дополнителен влог во клубот, кој не смее да биде понизок од 300.000 евра годишно за инвестирање, исплата на плати и на премии и за други трошоци. Закупувачот се обврзува да работи со клубот најмалку 10 години.

Во Штип се споменува името на локален штипски бизнисмен, како вистински купувач на пакетот акции на Брегалница.

Општината Штип секоја година троши меѓу 300.000 и 500.000 евра за клубот, кој не носи приходи. Како што во една пригода изјави градоначалникот Илчо Захариев, сите пари што Општината ги собира од граѓаните на име данок на имот, одат во касата на клубот Брегалница.

Во јавноста има сомневања дали навистина Општината се ослободува од финансискиот товар или во прашање е профитабилен бизнис.

Локалната опозиција се спротивстави на овој вид на продажба на клубот, со образложение дека е избрзана.


ФК Брегалница бара повеќе од 302.000 евра општински пари


Штип, 21 ноември, 2015 - 15:23 (META) 

Фудбалскиот клуб Брегалница е градски клуб и иако е акционерско друштво, целосно е финансиран од Општина Штип. Од буџетот за 2016 година, клубот бара 18.600.000 денари за редовно работење. ФК Брегалница е на дното на прволигашката табела, меѓутоа амбициозното раководство на клубот очекува напролет, на крајот од сезоната, Брегалница да се најде меѓу првите четири екипи.

– За разлика од лани, кога бевме на дното, оваа година одиме на подобро и се надеваме и речиси сме сигурни дека ќе играме во плеј-офот, од каде првите четири екипи излегуваат во Европа – изјави Мите Митев од управата на Брегалница.

Инаку, парите што се обезбедуваат за спортскиот клуб е комплетниот износ што Општината го собира од данокот на имот. Тоа значи дека, во просек, секое штипско домаќинство плаќа по околу 3.000 денари за Брегалница. Околу 80 отсто од општинските пари одат за плати на фудбалерите. Но, изгледа и ова не е доволно, бидејќи Брегалница за покривање на доготвите во тековната 2015 година, бара дополнителни 450.000 денари за исплата на двајца фудбалери.

Имено, на наредната седница на Советот, ќе се најде барањето до Општината за исплата за нови, дополнителни средства, со кои би се покрила тужбата од фудбалерот Саша Пејиќ, во чија корист пресудил арбитражниот суд во УЕФА. Брегалница му го раскинала договорот на Хрватот Пејиќ еден ден пред неговото истекување. Фудбалерот го добил спорот и Брегалница треба да му исплати 200.000 денари, додека на Сашо Ристовски клубот треба да му плати повеќе од 200.000 денари по пресуда од Апелацискиот суд, исто така, за прекршување на договорот.