Објектот на Архивот во Тетово се осовременува со лим, граѓаните реагираат


Тетово, 8 октомври, 2018 - 16:28 (META) 

Одлуката на Архив на Македонија зградата од првата половина на 20. век во кој е сместена неговата Регионална единица во Тетово да добие нова фасада од лим, предизвика бројни реакции од граѓани и од политичка партија. По негодувањето дека со ваквата постапка се деградира архитектонската вредност на овој стар објект, инспекторите на Општина Тетово го посетија Архивот со цел да вршат увид во документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи за тоа надлежност има единствено Државниот градежен инспекторат, пишува Порталб.мк.

„Груевизмот пристигна и во Тетово“, напиша на својот Фејсбук-профил екоактивистот Арианит Џафери, споделувајќи го написот на сограѓанинот Нгадњим Мемети, кој што порачува: „Зградата на објектот на градскиот архив, некаде од почетокот на 20. век, денес ќе биде завиткан со алкубонд-лим. Обезличување на градот. Скандалозно“. Реагираше и Алијанса за Албанците, која што порача дека наместо да се конзервира и зачува автентичноста на објектот, еден од симболите на Тетово, тој се претвора во една обична зграда.

„Во Тетово се осакатуваат и оние малку преостанати архитектонски вредности коишто го карактеризираа Тетово како древен град. Тоа се случува со Архивот, кој се „изолира“ со алуминиумска фасада, бришејќи ги трагите на одредени историски периоди. Каде остана заштитата на културното наследство, за што Владата доделува приближно 1 милион евра на годишно ниво за заштита, конзервирање и реставрирање на старите објекти под заштита? Наместо да се конзервира и да се зачува нејзината автентичност, овој објект се претвора во обична зграда. Министерството за култура и Општина Тетово треба да преземат одговорност!“, се вели на реакцијата на Алијанса за Албанците.

„Порталб“ ја посети зградата и разговараше со раководителот на Регионалната единица на Архивот во Тетово, Мален Матовски, кој вели дека поседуваат документи од кои се гледа дека зградата не се води како објект на културното наследство, туку е државен објект.

– Имаме имаме документи дека овој објект не е објект од културното наследство, туку е државна сопственост и се води под Државниот архив на Македонија, кој донел решение и доделил свои средства за фасадата. Ништо повеќе не можам да кажам – изјави Матовски.

Додека екипата на „Порталб“ се наоѓаше во просториите на Архивот, таму беа и претставници на Инспекторатот на Општина Тетово, кои вршеа увид во документацијата. Од Општината велат дека отишле за да ја проверат документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи такви ингеренции има само Државниот градежен инспекторат.

„Инспекторатот на Општината, во рамки на спроведување на законот, има право да врши инспекција во објекти од втора категорија. Предметниот објект се води како објект од прва категорија (национална институција). Владата има усвоено програма за целосна реконструкција на таквите објекти. Ние како инспекторат, имајќи ги предвид барањата на граѓаните, излеговме во терен, но што се однесува до прекинување на работните активности, таква надлежност има единствено Државниот градежен Инспекторат. Имајќи го предвид овој факт, се обративме до сите надлежни институции да го разгледаат нашето барање како институција. Не сме против реконструкцијата, меѓутоа стоиме на ставот дека треба да се зачуваат архитектонските вредности како културно наследство“, порачаа од Општина Тетово.

 


Шилегов: Раката да ми се исуши ако потпишам за фасадата на „Пелагонија“


Скопје, 20 ноември, 2017 - 15:09 (META) 

Парите за барокните фасади ќе се пренаменат за енергетски фасади на средните училишта, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на денешната седница на Советот на Град Скопје, извести „Сакам да кажам“.

– Раката да ми се исуши ако го потпишам договорот за фасадата на „Пелагонија“ од 1,3 милиони евра. Се трошеле милиони евра за фасади. „НАМА“ ги чини граѓаните 2,3 милиони евра. Парите за оваа намена што ги планирало минатото раководство од 6 милиони евра ќе ги пренамениме за фасади во средните училишта – рече Шилегов.

Шилегов откри и дека новата фасада на поранешната Стоковна куќа на плоштад Македонија чинела 2,3 милиони евра, а за фасадата на „Пелагонија“, веднаш до Порта „Македонија“, требало да се потрошат 1,3 милиони евра.

Меѓу другото, градоначалникот изјави и дека Град Скопје должи 36 милиони евра.


Расипан фрижидер го предизвикал пожарот во висококатницата во Лондон


Лондон, 23 јуни, 2017 - 13:36 (META) 

Пожарот во станбената зграда во Лондон, во кој загинаа најмалку 79 лица, го предизвикал расипан фрижидер, соопшти денеска британската полиција, пренесува „Би-би-си“.

Полицијата објави дека изолацијата и фасадата на висококатницата „Гренфел“ добиле негативни оценки на безбедносните проверки, извршени по пожарот. Во соопштението се додава дека полицијата ја разгледува можноста да поднесе обвинение за убиство од небрежност.

Полициската инспекторка Фиона Мекормак изјавила дека пожарот избувнал во ладната комора на фрижидер од марката „хотпоинт“, односно од моделот „хотпоинт ФФ175БП“ (hotpoint FF175BP). Таа додала дека апартот не е повлечен од продажба и дека произведувачот прави дополнителни проверки.


Министерство за финансии го осудува оштетувањето на државен имот


Скопје, 12 јули, 2016 - 12:21 (META) 

Министерството за финансии реагираше на вчерашниот протест на „Шарената револуција“, на кој фасадата на зградата на министерството доби неколку балони со боја.

„Министерството за финансии го почитува неприкосновеното право на граѓаните за мирен протест, но го осудува вандалското однесување на поединци кои оштетуваат државен имот изграден со парите на граѓаните на Република Македонија“, велат од министерството.

На вчерашниот протест, Единицата за брзо распоредување ги затвори сите приоди кон Министерството за финасии за да ги спречи демонстрантите од „Шарена револуција“ да стигнат пред објектот, револтирани од новото задолжување. Сепак, кога се мислеше дека протестот заврши, една група граѓани се пробија покрај полицијата и успеаја да стигнат до зградата врз која фрлија и боја.


Владата донесе одлука ГТЦ да добие барокна фасада


Скопје, 3 јули, 2016 - 10:30 (META) 

Владата донесе одлука Градскиот трговски центар (ГТЦ) да добие барокна фасада, јави телевизија „Телма“.

Одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014“, во чии што рамки е и измената на ликот на ГТЦ, е објавена во „Службен весник“.

Општина Центар лани во април распиша референдум за изгледот на Градски трговски центар, но тој не успеа, бидејќи околу 40 отсто од 43.560 запишани гласачи го искористија своето право на глас, што беше за 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на референдумот.

Тогаш градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, истакна дека повеќе од 95 проценти од оние што излегле на референдумот гласале за зачувување на автентичноста на ГТЦ.

По неуспешниот референдум, активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ побараа прогласување на ГТЦ за културно наследство, во насока на зачувување на автентичниот изглед.

Граѓаните организираа и протести под слоганот „Големо гушкање за ГТЦ“.


Се комплетираат скулптурите на фасадата на Владата


Скопје, 8 октомври, 2015 - 12:51 (META) 

Утрово интензивно се работи на фасадата на главната зграда на Владата. Во горниот дел се поставија шест скулптури на луѓе и една скулптура на лав.

Реконструкцијата на надворешниот изглед на фасадата почна во април 2013 година и е во рамките на проектот „Скопје 2014“. Градежните работи ги изведува фирмата „Бауер“, а за реконструкцијата се издвоени 9,2 милиони евра.

Фасадата на Владата беше избрана преку јавна анкета, на која беа понудени пет идејни решенија. Победничкото идејно решение го изработија архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов.

vlada kolaz

Лево: Победничкото идејно решение Десно: Моменталниот изглед на Владата


Куршум оштетил фасада на станбена зграда во Скопје


Скопје, 29 септември, 2015 - 12:29 (META) 

Вчера попладне, на улицата Тодор Александров во Скопје, била оштетена фасада на вториот кат од станбена зграда, најверојанто од истрелан куршум, информираат од полицијата.

Како што додаваат оттаму, во случајот нема повредени лица, а екипа на Секторот за внатрешни работи Скопје извршила увид на местото и работи на расчистување на случајот.


Жолтилото на фасада на Владата е сведок на синоќешните немири


Скопје, 6 мај, 2015 - 9:01 (META) 

Само жолтилото на фасада на Владата, обоена од јајцата со кои демонстрантите синоќа удираа по објектот во знак на револт за прикриеното убиство на Мартин Нешковски, остана од немирите по скопските улици.

Утрово просторот околу Владата беше исчистен, а работниците ги санираа штетите.

Пред објектот нема засилено полициско обезбедување.

Улиците се проодни и сообраќајот се одвива нормално.

Според МВР, вкупно се повредени 25 полицајци кои се примени во поранешната Градска болница и во Клиничкиот центар.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, некаде пред полноќ ги посетила повредените.

Од МВР немаат информации за повредени демонстранти.

Според медиумите, приведени се неколкумина, од кои еден е член на граѓанското движење „Ленка“.

Некои медиуми јавуваат и дека имало потешко и полесно повредени.


Спој во електричната инсталација, причина за пожарот во зградата на Владата!?


Скопје, 10 ноември, 2014 - 13:34 (META) 

Спој во електричната инсталација, што се случил додека се изведувале градежни работи, е првичната и неофицијална причина за пожарот што изутринава ја зафати фасадата на владината зграда, велат извори од МВР.

Денеска, полициски тимови извршија увид на местото, а по анализата и вештачењето на подигнатиот материјал, и официјално ќе се знаат причините за пожарот.

Од огнот, како што соопшти командирот на скопската противпожарна бригада, Благоја Менковски, бил зафатен дел од фасадата и електричната инсталиција, но штетата од пожарот е назначителна.

Противпожарната служба интервенираше со шест противпожарни возила и со 15 пожарникари.


(ФОТОГРАФИИ) Се запали новата фасада на Владата, штетата незначителна


Скопје, 10 ноември, 2014 - 10:24 (META) 

Екипите на скопската протипожарна бригада го изгасија пожарот што утрово избувна во источната зграда на Владата, на делот од фасадата свртен кон булеварот Партизански одреди.

Како што изјави командирот на противпожарната бригада, Благоја Менковски, пожарот ја зафатил фасадата на зградата и дел од електричната инсталација, внатре во објектот, но не е причинета голема материјална штета.

– Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје веднаш по пријавата интервенираше со две противпожарни возила. Бидејќи станува збор за витален објект, веднаш од станиците во Центар и во Автокоманда се испратени доплнителни три противпожарни возила. Со самотот пристигање на местото, пожарот веднаш беше локализиран и спречивме да се прошири на првиот кат. Опожарена е фасадата, а материјалната штета е незначителна. Пожарот е комплетно изгаснат, а во интервенцијата учестуваа шест противпожарни возила со петнаесет пожарникари – изјави Менковски.

За причините за пожарот Менковски не сакаше да коментира. Тие ќе бидат познати по увидот и по вештачењето на тимовите на МВР.

– Опожарена е фасада и делот од електричната инсталација. Во објектот нема инвентар – рече Менковски.