Проектот на Град Скопје за реконструкција на фасадите во средните училишта во Скопје заглави во средното училиште „Цветан Димов”, бидејќи скелето е поставено уште во октомври, но досега ниту еден работник не се појавил да започне со работа, известува „Порталб“.
Информацијата ја потврдува директорот на училиштето, Висар Дураку, кој вели дека нема сознанија зошто работите не се започнати.
– Скелето за реновирање на фасадата е поставено уште во октомври, но досега не е извршена никаква работа. Инвеститор на проектот е Градот Скопје, и не знаеме каде е заглавена постапката – изјави Дураку за „Порталб“.
Од Град Скопје информираат дека работите не се започнати поради временските услови.
-Според нашите информации, работите не се започнати поради несоодветни атмосферски услови – вели портпаролот на Град Скопје, Валон Салиу.
Родителите се жалат, истакнувајќи дека важните проекти секогаш се занемаруваат и не им се посветува должно внимание.
-Ова не е новост, навикнати сме веќе. Проекти без никаква вредност непотребно се реализираат веднаш, додека важните се занемаруваат. Срамно е училиштето да се остави во оваа состојба, а потоа да се жалат на енормни трошоци за електрична енергија. Па ако објектот не е изолиран, нормално е трошоците да бидат поголеми. Погледнете го училиштето, воопшто нема фасада. Апелираме, на проектите за подобрување на условите во училиштата во кои учи иднината на земјата, да им се посвети поголемо внимание наместо да се даваат празни ветувања а да не прави ништо. Што чекаат? Нови избори? – велат родителите.