Кремљ: Членството на Македонија во НАТО е нејзино суверено право


Москв, 29 јуни, 2018 - 14:21 (META) 

Приклучувањето на Македонија во НАТО е суверено право на земјата. Москва негува добри односи со Скопје, но се противи на приближувањето на Алијансата до границите на Русија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Тоа е суверена одлука на самата Македонија. Ние ги цениме и одржуваме добри односи со Македонија. Се разбира, заинтересирани сме за развој на билатералната соработка. Но, што се однесува на приближувањата на НАТО и неговата инфраструктура кон нашите граници, познат е ставот на Москва за тој процес – и во тој поглед ништо не е променето, одговори Песков на новнарско прашање за ставот Кремљ за приклучувањето на Македонија во НАТО.


Песков: САД мора да покаже политичка волја за да се поправат односите со Русија


Москва, 31 јули, 2017 - 14:49 (META) 

Вашингтон мора да покаже „политичка волја“ за да се поправат руско-американските односи, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Портпаролот на Кремљ рече дека за обновување на односите потребно е САД да се ослободат од „политичката шизофренија“ и да се воздржат од „диктатот со санкции“.

Русија, додаде тој, останува заинтересирана за конструктивна соработка со САД.

Американскиот Сенат во петокот освои закон за санкции кон Русија, по што рускиот претседател Владимир Путин нареди 755 американски дипломати да ја напуштат Русија.


Нападот на САД во Сирија е агресија врз суверена држава, оцени Путин


Москва, 7 април, 2017 - 10:22 (META) 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, го осуди американскиот напад на Сирија и рече дека тоа е агресија врз една суверена држава и кршење на меѓународното право, соопшти денеска Кремљ.

Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, рече дека Путин смета дека нападот е обид да се сврти вниманието на меѓународната заедница од големиот број цивилни жртви во операциите на коалицијата предвидена од САД во Ирак.
Со американскиот напад на Сирија веројатно е окончана соработката на Русија и на САД во Сирија, изјави утринава висок руски претставник.

Претседавачот на Комитетот за надворешни работи на Горниот дом на рускиот парламент, Константин Косачев, на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека соработката е окончана, додавајќи дека таа „дури и не функционирала“.
Косачев оцени дека тоа е штета и сугерираше дека Пентагон извршил притисок врз претседателот Доналд Трамп. Тој додаде дека додека руските крстосувачки ракети гаѓале терористи, „американските ракети гаѓале сили на сириската влада кои се борат против терористи“.

САД утринава по наредба на Трамп изведоа воздушен напад на сириска воздухопловна база, како одговор на нападот со хемиско оружје на цивили во Сирија.


Не сакаме НАТО да се шири кон истокот на Европа, порача Москва


Москва, 7 февруари, 2017 - 13:38 (META) 

Русија негативно се однесува кон можното понатамошно ширење на НАТО кон истокот на Европа, изјави прес-секретарот на претстедателот на Русија, Дмитриј Песков.

– Во секој случај, ако се изведе заклучок од некои медиумски соопштенија и изјави, односот на Руската Федерација кон експанзијата на НАТО кон Исток е добро познат. Ние сме против тоа – рече Песков.

Тој додаде дека не сака да ги коментира медиумските наводи, додавајќи дека медиумите сешто пишувале за наводни изјави на советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Мајкл Флин, за ширењето на НАТО.

– Немаше каква било официјална изјава – додаде Песков.

Претходно, во медиумите се појави информација дека администрацијата на Доналд Трамп е подготвена да притисне Црна Гора да влезе во НАТО и оти Флин ќе му препорача на американскиот претседател да ја поддржи оваа одлука.


Песков: Се надевам дека проруските сили на истокот на Украина имаат доволно муниција


Москва, 3 февруари, 2017 - 14:36 (META) 

Се надевам дека проруските сили на истокот на Украина имаат доволно муниција да одговорат на агресивните акции на украинската војска, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој истакна дека е најважно да се убеди Киев да престане со таквите непромислени акции кои можат да го поткопаат мировниот процес од Минск.

Властите на Украина и проруските сили вчера се обвинуваа едни со други за најновите артилериски напади на првите линии, кои резултира со жртви на двете страни.


Западните санкции кон Русија нема наскоро да бидат укинати, смета Медведев


Москва, 22 јануари, 2017 - 16:39 (META) 

Русија не би требало да се залажува дека западните санкции кон земјата наскоро ќе бидат укинати, изјавил денеска рускиот премиер Дмитриј Медведев, јавуваат светските агенции.

„Очигледно е дека сето ова ќе трае уште долго. Да не се потпираме на нечиј избор, на нови странски лидери“, рекол Медведев на состанокот на владејачката партија Единствена Русија.

Коментирајќи го неодамнешното интервју на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, за лондонски „Тајмс“, во кое, меѓу другото, тој вели дека би можел да им стави крај на санкциите кон Русија во замена за договор за намалување на нуклеарното оружје, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека тие две прашања е тешко да се поврзат.


Песков: Уривањето на рускиот авион е сериозен инцидент


Москва, 24 ноември, 2015 - 13:51 (META) 

Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, рече дека соборувањето на рускиот воен авион „су-24“ во Сирија претставува сериозен инцидент, но додаде дека е рано да се донесуваат заклучоци.

– Невозможно е да се каже што било без да се имаат целосни информации – рече Песков.

Анкара соопшти дека рускиот авион е соборен во близина на сириската граница, откако, и покрај предупредувањата, го нарушил турскиот воздушен простор.

Руското министерство за одбрана тврди дека можат да докажат оти авионот не го нарушил турскиот воздушен простор.

Во меѓувреме, сириска бунтовничка на новинската агенција „Ројтерс“ ѝ доставила видеоснимка која го прикажува рускиот војник на земја, неподвижен и тешко повреден, а претставниците на бунтовниците тврдат дека е мртов.

Видеоснимката го направила бунтовничка група од северозападот на Сирија, каде оперира Слободната сириска армија, но не е забележано присуство на Исламска држава.

Претставник на групата, кој одбил да биде именуван од безбедносни причини, рекол дека пилотот е мртов. Тој не го споменува другиот пилот, кој, исто така, бил во соборениот рускиот авион.
Руските медиуми јавуваат дека едниот пилот загинал, а другиот е заробен.