fbpx

Новинарката која ја разоткри руската пропаганда среде вести на државната руска телевизија, е пријавена за исчезната

-

Марина Овсинјакова, новинарката и уредничка на руската државна телевизија „Канал 1“ која вчера протестираше против војната во Украина и пропагандата на Кремљ, е пријавена за исчезната, јави Би-Би-Си.

Вчера, среде вестите во живо на државната телевизија, таа се појави зад водителката и извика „Запрете ја војната“  држејќи транспарент на кој пишуваше: „Не за војната, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат“.

Нејзините адвокати велат дека ја барале Овсинјакова, но не успеале да ја најдат. Една од адвокатките, Анастасија Костанова, изјави за сервисот на Би-Би-Си на руски јазик дека се обидувала да дојде до Овсијаникова по телефон, но нејзините повици останале неодговорени.

По инцидентот програмата беше прекината, а се верува дека Овсијаникова е однесена во притвор. Пред протестот, кој се случи во живо, таа сними и видео во кое вели дека се срами да работи за пропагандата на Кремљ.

Во објавеното видео таа вели:

„Она што во моментов се случува во Украина е злосторство. Русија е земја-агресор. Сета одговорност за оваа агресија лежи на совеста на една личност: Владимир Путин. Мојот татко е Украинец, мојата мајка е Русинка. Тие никогаш не биле непријатели. Овој ѓердан на мојот врат симболизира дека Русија треба веднаш да сопре со оваа братоубиствена војна и нашите братски народи да се помират. За жал, во последните седум години работев за Канал 1, промовирајќи ја пропагандата на Кремљ и за тоа сум многу засрамена во моментов. Засрамена сум што дозволив да бидат кажувани лаги на ТВ екраните, што дозволив Рускиот народ да биде ‘зомбифициран’. Ние молчевме кога сето ова започна во 2014 година. Не излеговме да протестираме кога Кремљ го отру Навални. Продолживме молкум да го гледаме овој нечовечки режим. Сега, целиот свет се оддалечи од нас. Десет генерации на наши потомци нема да можат да го исперат срамот на оваа братоубиствена војна. Ние, рускиот народ, сме промислени и мудри, само ние имаме моќ да го сопреме ова лудило. Излезете на протести, не се плашете од ништо, не можат да нè затворат сите.“

Кремљ денес остро ја осуди постапката на новинарката Марина Овсјаникова.

„Што се однесува до таа девојка, тоа е хулиганство“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Обединетите Нации повикаа руските власти да се погрижат демонстрантката која „влета“ во телевизиската програма да не биде казнета, бидејќи таа само го искористи своето право на слобода на говор.

Инаку на медиумите во Русија им е забрането да ја нарекуваат инвазијата во Украина – „војна“. Наместо тоа, официјално се зборува за „воена специјална операција“. Ја прикажуваат Украина како агресор, на чело со влада опишана како неонацистичка.


Неодамна во Русија беше усвоен закон со кој се придведи 15 годишни затворски казни за она ​​што власта го смета за „лажни информации“ за армијата.

Неколку од преостанатите независни медиуми престанаа да емитуваат или објавуваат по притисок од властите, вклучително и радио станицата „Ехото на Москва“ и ТВ Дожд.

Во јануари годинава Радио Слободна Европа (РСЕ) објави дека уште шест нивни новинари се означени како „странски агенти“ од Руската Федерација, со што овој медиум ја започна 2022 година со вкупно 18 руски новинари од сервисот на РСЕ што се означени како „странски агенти“ и кои се соочуваат со проценети казни од над 13 милиони долари според рускиот закон за „странски агенти“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...