!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поранешниот прв разузнавач, Виктор Димовски, е нов генерален секретар на МНР


Скопје, 29 јуни, 2017 - 16:43 (META) 

Амбасадорот и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, Виктор Димовски, со решение на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, е поставен за нов државен секретар во Министерството за надворешни работи, соопштија денеска од МНР.

Виктор Димовски е доктор на политички науки и дипломат од кариера со повеќе од 20 години дипломатско искуство. Во изминатиот период бил амбасадор во Србија и Црна Гора, како и во Израел.

Димовски бил и помошник-министер, државен советник и специјален советник, како и национален координатор на Македонија во повеќе регионални иницијативи, претседавач на Комитетот на политичките директори на процесот за соработка во Југоисточна Европа и претседател на македонскиот дел на државната Комисија за утврдување на границата со Сојузна Република Југославија.

Во периодот од 2007 до 2009 година Димовски беше директор на Агенцијата за разузнавање.


Претставата „Европејци“ премиерно пред тетовската публика на 22 април


Тетово, 17 април, 2017 - 14:59 (META) 

Претставата „Европејци“ од српскиот драмски писател Мирољуб Неделковиќ, премиерно ќе се одржи во Центарот за култура „Ило Антески Смок“ во Тетово на 22 април. Претставата е современа комедија која ги исмејува балканскиот и македонскиот менталитет.

– Во оваа претстава се прикажува кој е поголем Македонец. Публиката ќе излезе насмеана, но и замислена – вели актерот Глигорие Стојановски.

Режисер на „Европејци“ е Мирко Видоески, кој исто така се појавува во улога на американски дипломат.

– Оваа претстава, која e политичка сатира, ќе биде хит. Во неа се говори за поделбата на Македонците – вели Видоески.

Два дена подоцна, на 24 април, комедијата „Европејци“ ќе биде изведена пред скопската публика во Драмски театар.


Севернокорејски дипломат осомничен за убиството на Ким Јонг-нам во Малезија


Џакарта, 22 февруари, 2017 - 9:30 (META) 

Малезиската полиција осомничи претставник од Амбасдата на Северна Кореја за убиството на Ким Јонг-нам, а уште еден осомничен за случајот е поврзан со државната авиокомпанија на Северна Кореја.

Како што јавуваат локалните медиуми, двајцата осомничени сè уште се во Малезија и се повикани на распит. Дипломатот е со ранг втор секретар во амбасадата.

Полицијата смета дека четири други лица, осомничени за убиството, побегнале на денот на нападот и заминале во Пјонгјанг. Минатата недела малезиските власти уапсија Севернокореец и две жени од Виетнам и од Индонезија во врска со убиството.


Припадник на обезбедување уби авганистански дипломат во Пакистан


Карачи, 6 февруари, 2017 - 14:20 (META) 

Припадник на обезбедување усмртил авганистански дипломат во пакистанскиот град Карачи, јавуваат светските агенции.

Харис Кан, портпарол на авганистанскиот конзулат во Карачи, изјави дека третиот секретар на конзулатот, Мухамед Заки Абду, починал од повредите откако бил застрелан.

Чуварот, кој е авганистански националист, е приведен, изјави претставник на пакистанската полиција Азад Кан.

Како што соопштија двајцата претставници, мотивот за убиството сè уште не е познат. Инцидентот се случил во конзулатот и, најверојатно, како што се наведува, убиството е извршено од лични причини.


Убиен уште еден руски дипломат


Москва, 20 декември, 2016 - 15:45 (META) 

Педесет и шестгодишниот руски дипломат Пјотр Пољшиков синоќа е застрелан в глава во својот дом во Москва, јавува ТВ „Рен“.

Информацијата за убиството е објавена набргу по веста за убиството на рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов.

Околностите на убиството не се познати, а полицијата испитува дали станува збор за самоубиство или убиство. Сопругата на Пољшиков била во станот, но не е повредена.

Покрај телото, во станот се пронајдени и две чаури. Пиштолот е пронајден под мијалникот во бањата.

Руските медиуми јавуваат дека Пољшиков бил началник на одделот за Латинска Америка во руското министерство за надворешни работи. Некои наведуваат дека тој го напуштил МНР, но не е познато дали продолжил да работи во некоја друга руска владина служба.

Пољшиков претходно работел во руската амбасада во Боливија.


Руски полицаец нападнал американски дипломат


Москва, 8 јули, 2016 - 10:48 (META) 

Руската телевизија НТВ објави снимка на која се гледа како руски полицаец и американски дипломат се тепаат на влезот на американската амбасада во Москва.

Американската амбасада засега не го коментира настанот.

Првичните информации, кон крајот на јуни, ги објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на изјава од американски дипломати, кои за инцидентот го обвинија полицаецот.

Руските претставници, сепак, тврдат дека дипломатот го нападнал полицаецот.

На снимката на НТВ се гледа како пред споредниот влез на амбасадата запира такси, од кое излегува дипломат кој се движи кон вратата. Во тој момент, од стражарската куќичка излегува униформиран полицаец кој го соборува дипломатот на земја.

Портпаролот на руското министерство за надворешни работи вели дека полицаецот сакал да ги провери документите и да се увери дека лицето не претставува опасност за амбасадата, но оти лицето со лакотот го удрило в глава. Руското МНР тврди дека претставникот на амбасадата, всушност, е агент на ЦИА.


Ариан Спасе од Мала Преспа, нов албански амбасадор во Унгарија


Охрид, 19 март, 2016 - 11:29 (META) 

Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, за нов вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Унгарија го назначи Ариан Спасе, допломат од кариера, етнички Македонец од познато интелектуално семејство.

Ариан Спасе е внук на писателот Стерјо Спасе, еден од најзначајните претставници на современата албанска литература и еден од најуспешните писатели од македонско потекло во Република Албанија.

Стерјо Спасе е роден во 1914 година во Глобочани, денес Општина ПустецМала Преспа. Се занимавал со педагошка дејност.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот „Флоренца“ во Италија, додека магистратура завршил во тогашниот СССР. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“.

 


Ако викендов нема договор, Пржино не важи!


Скопје, 21 октомври, 2015 - 14:10 (META) 

Викендов ќе се знае точно во која насока ќе се движат преговорите и дали се успешни, дознава „Мета“ од дипломатски извори.

– Секогаш на преговорите треба да им се дадат уште неколку шанси. Деновиве ќе се одржуваат само билатерални средби, а работната група ќе се состане само доколку е сигурно дека ќе се постигне некаков договор – вели нашиот извор.

Тој вели дека ако преговорите не бидат успешни, „Европската унија ќе ја третира Македонија како Белорусија“.

– Ако нема договор до викендов, Договорот од Пржино не важи – вели нашиот извор.


Битолчанец доживеал потрес на мозокот по сообраќајка со бугарски дипломат


Битола, 16 октомври, 2015 - 11:47 (META) 

Политрауми на главата и фрактура на потколеницата, се последиците кај битолчанецот роден 1929 година, кој синоќа бил прегазен од автомобил на бугарскиот конзулат во Битола. Со возилото управувал Бугарин со дипломатски пасош.

Според портпаролката на битолската клиничка болница, Јагода Стојановска, пацинетот е хоспитализиран на одделот на неврохирургија со тешки телесни повреди, но надвор од животна опасност.

– Заради повредите на главата е задржан на неврохирургија, ќе се прават анализи за сите трауми и повреди добиени во сообраќајната несреќа – вели Стојановска.

Сообраќајната несреќа се случила синоќа пред 18 часот, на улицата Партизанска во Битола, спроти болницата, кога „фолксваген пасат“со дипломатски таблички удрил во пешак. Портпаролот на полицијата, Сања Стаматова, потврдува дека возилото е во сопственост на бугарската амбасада во Македонија.

Возачот е вработен во бугарската амбасада со привремен престој во земјава и е со дипломатски пасош, вели Стаматова за „Мета“.


Мијалков се откажа од дипломатскиот пасош


Скопје, 6 октомври, 2015 - 14:11 (META) 

Дипломатската патна исправа, која во согласност со закон и дискреционо право на министерот ми беше доделена од МНР, сè уште не сум ја подигнал ниту употребил, изјави поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, за порталот „Прес 24“.

Тој вели дека СДСМ го става фокусот на црна кампања бидејќи нема што друго да им понуди на граѓаните

– За да им се одземе и ова последно оружје и да излезе на виделина нивната безидејност, одлучив воопшто да не ја подигнувам дипломатската патна исправа и да се откажам од неа. Останувам и продолжувам да се борам за интересите на Македонија и на македонскиот народ. Не сум потклекнал пред многу посериозни притисоци и закани, па нема ни сега. Убеден сум дека граѓаните во април јасно ќе им порачаат на СДСМ што мислат за нивната деструктивност, исто како што им порачуваа изминативе 10 години – изјави Мијалков.