!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избра новиот Извршен комитет


Скопје, 12 јануари, 2018 - 21:19 (META) 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва го избра новиот состав на Извршниот комитет (ИК) на партијата, а во неговиот состав се најдоа и актерот Тони Михајловски, актуелниот градоначалник на Кавадарци и сопственик на „Кожувчанка“, Митко Јанчев, и поранешниот директор на ЈСП Скопје, Игор Јанушев.

Покрај нив се е и долгодишниот парламентарец и функционер на партијата Александар Николоски, како и поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Изненадување е и изборот на Трајко Славески, поранешен министер за финансии до 2009 година и универзитетски професор, а во ИК на опозициската партија се и актуелните пратенички Даниела Рангелова, Дафина Стојаноска, Ане Лашкоска, како и нивниот колега Владимир Ѓорчев.

Во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски.


Судењето за „Шамари“ одложено за следната година, судијката Михајлова прераспределена


Скопје, 27 декември, 2017 - 12:31 (META) 

Поради прераспределувањето на судијката Татјана Михајлова, судењето за случајот нсилство во Општина Центар во јуни 2013 година покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска беше одложено во Основен суд Скопје 1.

Миихајлова е прераспределена во друг оддел на судот, според новиот годишен распоред на судиите, што го подготви новиот претседател на Кривичичниот суд, Иван Џолев.

Во случајот „Шамари“ обвинети се 14 лица за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. На претходните рочишта, вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија по шест месеци условна казна.

Покрај нив обвинети се уште 12 лица, во кои се и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, тогашна членка на Советот на општина Центар.


И „Шамарите во општина Центар“ одложено – единствениот систем за снимање зафатен за друго судење


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Судењето за случајот со насилствата во Општина Центар во 2013 година, попознат како „Шамарите во Општина Центар“ денеска се одложи кратко по почетокот на денешното рочиште, бидејќи единствениот систем за снимање во Основен суд Скопје 1 бил резервиран уште пред еден месец за судењето за обидот за убиство на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ го резервирала системот за рочиштето против дедото на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, кој пукаше во Тодоров пред церемонијата на предавањето на министерската функција на новиот министер Арбен Таравари.

Откако почна рочиштето за „Шамарите во Општина Центар“, адвокатот Дончо Наков даде приговор дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето, бидејќи нема услови за снимање на рочиштето, а нема услови ниту за стенографско водење на записник.

Судијката Татјана Михајлова потоа го одложи судењето за 27 овој месец.

Во овој случај, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои претходно во Кривичен суд присуствуваа на судењето за „Траекторија“, каде се исто така обвинети. Во случајот со насилствата во Општина Центар обвинета е и актуелната пратеничка и поранешна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.


Груевски и Јанакиески денеска на две судења


Скопје, 18 декември, 2017 - 9:49 (META) 

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и пораншниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска поголем дел од денот ќе го поминат во Основен суд Скопје 1, поради неколку судења.

Во 9.45 часот почнува рочиштето за случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречен „Траекторија“, во кој освен двајцата обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Случајот е за договорите за новите автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, а останатите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Vladimir Peshevski Osnoven sud Skopje 1 sudenje Traektorija 18dek17 - Meta

По рочиштето за „Траекторија“, закажано е рочиште за случајот „Шамари“, а во  овој предмет Груевски и Јанакиески се прво и второобвинети, а со нив на обвинителна клупа е актуелната пратеничка и поранешна советничка во Општина Центар Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.

На денешното рочиште треба повторно да сведочи екс градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, пред адвокатите на одбраната, откако на минатото рочиште сведочеше пред специјалните обвинители.


Груевски, Јанакиески и Рангелова се изјаснија како невини за „Шамари“


Скопје, 20 ноември, 2017 - 13:40 (META) 

Поранешниот премиер, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката Даниела Рангелова на главната расправа за судскиот процес за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, се изјаснија дека се чувствуваат невини.

Поранешниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, обвинет во случајот, на денешното рочиште ја призна вината за кривичното дело насилство.

– Се чувствувам виновен и од оваа временска дистанца длабоко се каам за стореното – рече Лазаров.

Првообвинет во случајот е Груевски, а обвинети се Јанакиески, Рангелова и уште 11 други лица.

Случајот во јавноста познат како „Шамари“, Специјалното јавно обвинителство на 15 септември минатата година го поведе за насилства во Општина Центар, како и за нарачаните шлаканици за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.


Полупразна сала, реплики и контрареплики на продолжението на расправата за Зврлевски


Скопје, 11 август, 2017 - 13:03 (META) 

Осмото продолжение на собраниската расправа за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, почна и се одвива според истиот шаблон на реплики и на контрареплики меѓу пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на процедурални забелешки.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на почетокот на денешното продолжение на седницата побара од претседателот на Собранието да ја прекине расправата поради членот 8-а од Изборниот законик, кој, како што рече, му налага на Собранието поради распишаните локални избори, да ја стави расправата во мирување, но и поради тоа што во собраниската сала не се присутни речиси половина од пратениците.

– Дури и да повикате не гласање, нема да има доволно пратеници за Марко Зврлевски да биде разрешен. Мислам дека оваа точка треба да ја ставите во мирување и да го испочитувате членот 8-а од Изборниот законик, кој е договорен во Пржино, на барање на СДСМ, изгласан е во Собранието, потпишан е од мене и од Вас и пропишано е како треба да се спроведува – рече Димовски.

На ова спикерот Џафери, повикувајќи се на деловникот на законодавниот дом, нагласи дека дебатата не зависи од присуството на мнозинството во салата туку од присутните пратеници, односно дека во случајот само се расправа за предлогот за разрешување, а не се одлучува.

Расправата продолжи со реплики (за кои беа пријавени 25 пратеници) и со контрареплики меѓу пратенциите од ВМРО-ДПМНЕ, Нада Ципушева, Зоран Илиоски Благица Ласовска и Трајчо Димков, кои си даваа поддршка и го дополнуваа заедничкиот став дека целта поради која владејачкото мнозинство инсистира на дневен ред да биде разрешувањето на Зврлевски е да се дефокусура јавноста, како што рекоа, од важните прашања, како Договорот за добрососедство со Бугарија, пожарите, стратегијата за бегалци, задолжувањето, законот за јазиците.

Дебатата се вжешти откако независниот пратеник од владејачката коалиција, Павле Богоевски, на говорницата рече дека тоа што го прават пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието нема врска со демократија, туку е само обид да се спасат кожите на дел од членовите на партијата кои „треба да одат во затвор“.

– Со месеци ги исмевате демократските процедуи. Зврлевски ќе биде разрешен и тие што треба ќе одат во затвор. Во интерес на Македонија е да се разреши Зврлевски. Откажете се од говори и ќе видите колку бргу ќе се собере мнозинството за гласање. Ве предизвикувам, откажете се од говорите – рече Богоевски.

На ова жестоко реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а Даниела Рангелова побара од Богоевски да им се извини на сите пратеници затоа што им се заканил со затвор.

– Денеска ги навредивте сите пратеници и на сите им се заканивте со затвор. Што сте Вие, обвинител? Судија? Заради тоа колегите ќе прават опструкции. Сега ви требаат обвиненија за да победите на избори. Немојте да помислите да правите такви работи. Ако сте доблесен, колега Богоевски, сега треба да излезете и да им се извините на сите колеги – рече Рангелова, која побара пауза од еден час.


Фетаи: Судот и одбраната се координираат за одолжување на случајот „Шамари“


Скопје, 28 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Судијката Татјана Михајлова денеска го одложи рочиштето за случајот „Шамари“ бидејќи сите списи од предметот биле испратени во Апелацискиот суд, кој треба да одлучува по жалбите на Специјалното јавно обвинителство. Осомничени во случајот се поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица обвинети за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаим побара објаснување од судијката зошто во Апелацискиот суд биле испратени сите списи кога било доволно само да се испрати записникот од рочиштето на кое таа и Катица Јанева беа казнети по 2.000 евра.

Михајлова не даде објаснување и само констатираше дека не се исполнети условите за одржување рочиште и следното го закажа за 28 септември.

Фетаи за медиумите изјави дека очигледно постои координација меѓу судот и одбраната на обвинетите со единствена цел – да се одолговлекува почетокот на судскиот процес.

– На ова упатува околноста што денеска, кога сите списи за предметот се во Апелацискиот суд, во судница беа присутни сите обвинети, што не се случило долг период – рече Фетаи.

Инаку, ниту еден од обвинетите не сакаше да даде изјава за медиумите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е првообвинет, го напушти судот преку еден од споредните влезови.

На рочиштето присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и советниците од Општината, кои присуствуваа во својство на оштетени и на сведоци.

Адвокатот Никола Додевски повеќе не е бранител на Груевски и на Јанакиески, кои на 22 јуни до судот доставиле известување дека отсега во случајот ќе ги застапуваат адвокатите Боро Тасевски, Сања Алексиќ и Петар Василев.


Јанакиески очекува СЈО да му поднесе обвинение и да оди на суд


Скопје, 9 јуни, 2017 - 14:48 (META) 

Специјалното јавно обвинителство продолжува да работи како експозитура на СДСМ и да води политичка хајка против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, рече поранешниот министер за транспорт и врски и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески по излегувањето од просториите на СЈО, каде се задржа помалку од половина час.

„Денеска бев осомничен затоа што сум ставил параф на некој договор,“ рече Јанакиески.

Тој го повика СЈО да почне да работи предмети против СДСМ за да докаже дека не е нивна партиска експозитура.

„Нивниот рок е при крај и тие одлучија да се занимаваат со функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе ја докажеме нашата невиност во судска постапка. Велам судска постапка, затоа што очекувам да поднесат обвинение,“ рече Јанакиески.

Тој не кажа зошто толку кратко се задржа во СЈО, но најверојатно како генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер Емил Димитриев и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и тој побарал да добие увид во доказите и потоа да даде исказ пред обвинителите на СЈО.


Јанакиески дојде во СЈО да даде исказ за случајот „Талир“


Скопје, 9 јуни, 2017 - 14:19 (META) 

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, попладнево во 14 часот пристигна во Специјалното јавно обвинителство, каде според информациите треба да даде исказ за случајот „Талир“ во кој и тој е еден од осомничените. Јанакиески не даде изјава за медиумите.

Инаку во Специјалното јавно обвинителство денеска беше и пратеничката на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски. Таа по излегувањето изјави дека била повикана во својство на оштетена, чии телефони, три години биле незаконски прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Ременски одговарајќи на новинарско прашање рече дека, како штети што ги претрпела од овие активности се аферата „Афис“, нејзиното разрешување од позицијата продекан за настава од Факултетот за безбедност во Скопје и континуираниот политички мобинг што го трпела од претходната власт.

Претходно денеска во СЈО беа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер Емил Димитриев и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Тие по излегувањето од просториите на СЈО изјавија дека денеска не дале искази туку побарале увид во доказите, по што ќе се произнесат по кривичните дела за кои ги товарат.

СЈО испратило покани до сите 11 осомничени да дадат исказ за „Талир“ во просториите на обвинителството. Инаку, првоосомничен во случајот е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски.

Неофицијално, Груевски, Илија Димовски и Кирил Божиновски денеска нема да дојдат на распит бидејќи наводно не ги добиле поканите. Се очекува тие да се појават в понеделник.


Рочиштето за случајот „Шамари“ се одложи за 28 јуни


Скопје, 3 мај, 2017 - 11:03 (META) 

Судското рочиште за насилствата во Општина Центар од јуни 2013 година се одложи бидејќи денеска во Основен суд Скопје 1 не дојдоа петмина обвинети. Следното рочиште е закажано за 28 јуни во 10 часот.

Обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, на денешното рочиште побара отсутните обвинети да бидат приведени, бидејќи биле уредно поканети, а не се појавиле.

На ова реагираше адвокатот на одбраната, Боро Тасевски, кој рече дека обвинителот прејудицира и дека првин треба да се утврди дали обвинетите се оправдано отсутни или не, па потоа да се носи одлука за приведување.

Судијката Татјана Михајлова донесе решение со кое на адвокатите на одбраната им даде рок од осум дена да донесат оправдување.

Инаку, Бубевски уште еднаш побара од судот на СЈО да му биде доставена аудио-визуелната снимка од првото рочиште. На ова судијката Михајлова рече дека судот нема опрема за аудо-визуелно снимање на рочиштата, а снимањето што сега судот го врши е за негови потреби.

Бубевски во врска со ова пред новинарите изјави дека снимањето во судот не е „домашно видео“ и дека законот за кривична постапка јасно пропишува кои рочишта треба да се снимаат.

Градончалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, по завршувањето на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, каде тој е еден од оштетените и сведоците во случајот, изјави дека „ова судење е доказ дека Никола Груевски секогаш нарачува насилство врз политичките противници кога губи на избори“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е првообвинет во овој случај, во судот пристигна со задоцнување и според информациите, во него влегол преку еден од споредните службени влезови. Тој пристигна со обезбедување и прдиружуван од портпаролот на владата, Александар Ѓоргиев. Груевски од споредните влезови го напушти судот, избегнувајќи ги новинарските екипи.

По рочиштето, одговарајќи на новинарско прашање, обвинителот Бубевски рече дека обвинителката Фатиме Фетаи не е изземена од случајот туку е на службено патување во странство и дека ќе дојде на наредното рочиште и ќе го застапува обвинението.

Во врска со користењето на прислушуваните разговори како доказ, Бубевски рече оти се надева дека Врховниот суд ќе донесе заклучок како тој што го застапува СЈО, односно „бомбите“ да може да се користат како доказ во судските постапки.