Судското рочиште за насилствата во Општина Центар од јуни 2013 година се одложи бидејќи денеска во Основен суд Скопје 1 не дојдоа петмина обвинети. Следното рочиште е закажано за 28 јуни во 10 часот.

Обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, на денешното рочиште побара отсутните обвинети да бидат приведени, бидејќи биле уредно поканети, а не се појавиле.

На ова реагираше адвокатот на одбраната, Боро Тасевски, кој рече дека обвинителот прејудицира и дека првин треба да се утврди дали обвинетите се оправдано отсутни или не, па потоа да се носи одлука за приведување.

Судијката Татјана Михајлова донесе решение со кое на адвокатите на одбраната им даде рок од осум дена да донесат оправдување.

Инаку, Бубевски уште еднаш побара од судот на СЈО да му биде доставена аудио-визуелната снимка од првото рочиште. На ова судијката Михајлова рече дека судот нема опрема за аудо-визуелно снимање на рочиштата, а снимањето што сега судот го врши е за негови потреби.

Бубевски во врска со ова пред новинарите изјави дека снимањето во судот не е „домашно видео“ и дека законот за кривична постапка јасно пропишува кои рочишта треба да се снимаат.

Градончалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, по завршувањето на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, каде тој е еден од оштетените и сведоците во случајот, изјави дека „ова судење е доказ дека Никола Груевски секогаш нарачува насилство врз политичките противници кога губи на избори“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е првообвинет во овој случај, во судот пристигна со задоцнување и според информациите, во него влегол преку еден од споредните службени влезови. Тој пристигна со обезбедување и прдиружуван од портпаролот на владата, Александар Ѓоргиев. Груевски од споредните влезови го напушти судот, избегнувајќи ги новинарските екипи.

По рочиштето, одговарајќи на новинарско прашање, обвинителот Бубевски рече дека обвинителката Фатиме Фетаи не е изземена од случајот туку е на службено патување во странство и дека ќе дојде на наредното рочиште и ќе го застапува обвинението.

Во врска со користењето на прислушуваните разговори како доказ, Бубевски рече оти се надева дека Врховниот суд ќе донесе заклучок како тој што го застапува СЈО, односно „бомбите“ да може да се користат како доказ во судските постапки.