Архивска фотографија од пребеганиот Никола Груевски по едно од рочиштата за случајот „Насилство во Општина Центар“ од 2017 година | Фото: Мета.мк

Обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судење за насилствата пред Општина Центар, побара казните за пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески како поттикнувачи, да бидат најстроги, за да се одвратат сите други од такви намери во иднина.

„Предлагам судот да ги прогласи виновни и да им изрече соодветни казни, а притоа да се има предвид и интензитетот на дејствијата. За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери,“ рече Фетаи.

Пред почетокот на судењето таа изјави дека обвинителството се откажува од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски, а за Игор Бошковски предложи алтернативна казна.

На денешното рочиште, завршни зборови даде и одбраната на обвинетиот Никола Груевски според која „целото дело се докажува само со еден разговор што е нелегално прибавен“ и затоа го оспорува. Инаку, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер Никола Груевски пред скоро две години избега од земјава во Будимпешта, Унгарија со цел да не ја отслужи казната затвор од две години за случајот „Тенк“.

Според обвинението за случајот „Насилство во Општина Центар“, првообвинетиот Никола Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Миле Јанакиески побарал преку лицето Томислав Лазаров да организира група луѓе од централните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега осудениот Томислав Лазаров дал насоки поголема група да се организира и спречи пристигнувањето на градоначалникот Андреј Жерновски во општинската зграда, а под образложение дека ќе се гласа против изградба на црквата Св. Константин и Елена, која не била ниту на дневен ред.

Судењето за овој случај ќе продолжи на 28 септември.