Судењето за „Монструм“ одложено, се разболел судијата

Поради болест на судијата Осман Шабани, денешното рочиште на случајот на СЈО „Монструм“, на кое требаше преку видеоврска, со затемнет лик и изменет глас, да се сослуша загрозениот сведок Е1, е одложено, јави „Порталб“.

Родителите и роднините на убиените четири момчиња од Радишани и на рибарот од Црешево, реагираа на одложувањето на судењето, кое треба да продолжи на 22 и 24 август. Тие обвинија дека центар на моќ влијае на судскиот процес, оти во случајот со масакрот биле вмешани шестмина функционери на ДУИ, како и дека судијата Шабани намерно избегнал да дојде поради инструкции од ДУИ, извести „Порталб“.

Случајот е за убиството на Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски, на возраст од 18 до 21 година, сите од Радишани, и на Борче Стевковски од Црешево, на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.