Српските медиуми за референдумот: Одзивот помал од очекуваниот

Mедиумитe во Србија објавија дека одзивот на граѓаните на референдумот во Македонија бил помал од очекуваниот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Радио-телевизија Србија (РТС) објави дека „граѓаните избирале во пакет ново име и шанса за ЕУ и НАТО, но дека референдумот е под знак прашање и дека резултатите нема да бидат валидни поради слабата излезност.“

Во извештајот РТС наведе дека сега „многу сценарија се возможни“, со потсетување дека референдумот е консултативен и дека не е обврзувачки. РТС оценува дека „малиот одзив сепак е силна порака на властите во Македонија и на меѓународната заедница и дека државата ја чека промена на Уставот“.

Регионалната телевизија „Н1“ објави дека „последиците од референдумот се неизвесни“, потсетувајќи дека е прерано да се каже „дали референдумот пропаднал и дали на повидок е нова политичка криза, а како еден од можните исходи се и вонредни парламентарни избори.“

Телевизија „Пинк“ објави дека „извесно е дека референдумот пропаднал“. Поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски, во изјава за „Пинк“ рече дека „македонскиот народ не ја поддржува антидржавната политика на Зоран Заев кој е подготвен да се откаже од националниот идентитет, име, историја и култура“, а аналитичарот Александар Пандов изјави дека „граѓаните не поддржуваат капитулантски договор кој ги брише името, државата и идентитетот на македонскиот народ“.