Скопје под власта на СДСМ почна да наликува на Див Запад, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС ветуваше живот, а граѓаните добија криминал, престрелки и убиства“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната престрелка во населбата Топанско Поле, во која едно лице е убиено, а едно тешко повредено.

„Секоја вечер инциденти, а секој поминат викенд по некој ранет или убиен. Се надминува и периодот на матната и криминална транзиција во 1990-тите, а Скопје личи на Див Запад. Криминалците остануваат неказнети и заштитени“, стои во соопштението на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека на синоќешното, му претходеше убиството на Мартин Јанушев, чиј вистински убиец, како што велат од партијата, сè уште не е утврден.

„Криминалот, насилствата и убиствата се шират како канцер во државата, бидејќи остануваат неказнети, а дел од полицијата на Оливер Спасовски е заштитник на сето ова. Тоа се шири по принципот на затруено дрво, бидејќи тие што со криминал доаѓаат на власт, со криминал и владеат. СДС во својот план за живот ветуваа безбедни граѓани и професионална полиција, а добивме насилства, убиства, небезбедни градови и граѓани. Власта покажува неспособност на секое поле“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.