Шекеринска во Брисел разговарала со помошниците на генералниот секретар на НАТО

Македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, при посетата на Брисел на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и земјите-учесници во мисијата „Одлучна поддршка“, во НАТО штабот во Брисел имала средби со помошник-генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез и помошник-генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Хајнрих Браус.

Како што соопшти македонското министерство за одбрана, на средбите се разговарало за спроведувањето на планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија како и за реформите во судството, во разузнавачките и безбедносните служби, слободата на медиумите и транспарентноста и за реформските процеси во одбраната.

На состанокот на министрите вчера во Брисел, Шекеринска ги нагласила стратешките цели на Македонија за членство во НАТО и најавила засилено темпо и реформи кон исполнување на критериумите и стандардите на Алијансата.