Сениорската женска кошаркарска репрезентација пријавена на квалификациите за Евробаскет 2019

Сениорската кошаркарска репрезентација во женска конкуренција по три години отсуство од кошаркарската сцена во Европа, ги почнува активностите. Тоа што претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, како и генералниот секретар, Моника Гаврилоска, го најавија минатата година на собирот со сениорките, оваа година ќе стане реалност – националниот А-тим е пријавен и ќе учествува во квалификациите за Европското првенство, кое ќе се одржи во 2019 година, соопшти Македонската кошаркарска федерација.

Ждребот за групите ќе биде одржан на 4 јули 2017 година во Минхен, по завршувањето на годинашното Европско првенство што ќе се одржи во Чешка.

Сите селекции ќе се натпреваруваат во двокружен систем (дома-гости). Првите евроквалификациски натпревари ќе се одиграат на 10 и на 14 ноември 2017 година, а вторите наредната година, на 10 и на 14 февруари, додека последните натпревари од квалификациите ќе се одиграат на 17 и на 21 ноември 2018 година.

Само 16 национални селекции ќе учествуваат на Европското првенство во 2019 година, од кои едно или две ќе бидат резервирани за домаќинот односно домаќините.

Последна активност на националниот состав во женска конкуренција се квалификациите за Евробаскет 2015, одржани во 2013 година, кога сениорската репрезентација не успеа да се избори за пласман на еден континентален собир.