Со кош од своја половина на Димитријевиќ во последната секунда, Северна Македонија го доби мечот против Данска

фото: Кошаркарска федерација на Северна Македонија (Фејсбук)

Со победа на гости против Данска, Кошаркарската федерација на Северна Македонија ги започна претквалификациите за Европското првенство. Пресуден за победата на македонскиот тим беше погодокот од половина терен кој го постигна Ненад Димитријевиќ во последната секунда од мечот за конечен резултат 70-73.

Димитријевиќ, кој инаку игра за рускиот клуб „Уникс“, поради истекувањето на времето стрелаше од огромна далечина, што на македонската репрезентација ѝ ги донесе пресудните три поени во тесниот и неизвесен натпревар. Димитријевиќ воедно беше и најдобриот играч на овој меч со запишани 26 поени на своето конто.

По натпреварот, Димитријевиќ изјави дека секој од тимот дал придонес во оваа важна победа, која е особено значајна затоа што доаѓа на стартот на циклусот.

„И во тешки моменти, кои ги имавме на овој натпревар, останавме заедно и фокусирани. Знаевме да одговориме на нивната серија, останавме мирни кога требаше. Не знам како би го опишал последниот кош. Најважно е дека топката влече низ обрачот. Како, не знам ни јас самиот. Се обидов, погодив, победивме, тоа останува. Одиме понатаму“, изјави Димитријевиќ.

Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, кој синоќа дебатираше на официјалните натпревари, истакна дека во следните денови ќе ги анализираат и поправат грешките за следниот натпревар во рамки на претквалификациите.

„Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме за овој меч со Данска. Од оние индивидуални карактеристики, па сѐ до најситните детали за противникот. Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Лундберг да има само два поена реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде „гладен за кошеви“. Колку можевме, на крајот кажува статистиката“, изјави Јончевски.

Следниот натпревар во рамки на претквалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2025 година, македонската репрезентација ќе го игра во недела против Словачка на домашен терен.