СДСМ: Трајановски ќе даде отчет за криминалот

„На граѓаните не им е потребен денешниот отчет на Трајановски. Тие ги живеат последиците од неговото неодговорно владеење“, порача СДСМ, реагирајќи на денешното излагање на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, за проектите реализирани или почнати во 2016 година.

Партијата обвини дека Трајановски не направил ништо за заштита на здравјето на граѓаните, како и дека во многу делови нема елементарни услови за живот.

„Тој ги остави скопјани да се задушуваат во загаден воздух поради тоа што не ја спроведе гасификацијата. Децата мрзнат во училиштата поради неисправни инсталации на големиот студ. Поплави одзедоа животи на деца поради тоа што нема атмосферска канализација во сите делови на главниот град. Граѓаните на главниот град на Македонија, во 21 век се оставени без елементарни услови за живот, водоводи, одводи, безбедни патишта и тротоари, енергетски фасади. Сето ова се случува бидејќи Трајановски со Никола Груевски со години ги задолжува скопјани со милиони евра за панорамски тркала, лажен барок, за криминалниот проект „Скопје 2014“, воден од тендерски интeреси“, му порача СДСМ на градоначалникот на Скопје.