СДСМ: Иванов со непотпишувањето на законот го крши Уставот


       
Скопје, 15 март, 2018 - 10:00 (META) 

Со најавите дека нема да го потпише указот за законот за употреба на јазиците, Ѓорге Иванов се обидува да се стави над Уставот на Република Македонија и делува како остаток на поразениот режим, велат од СДСМ како реакција на обраќањето на претседателот Иванов

„Иванов е должен да постапува по членот 75 од Уставот на Република Македонија во кој е јасно наведено дека доколку претседателот не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Иванов е на должност пред граѓаните и законите, а не пред партијата“, велат од СДСМ.

Според владејачката партија, со непотпишување на указот, Иванов го крши Уставот и работи спротивно на европските вредности и концептот „едно општество за сите“, што бил како што велат од партијата, силно бил поддржан од граѓаните на последните изборни циклуси.

„Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и со неговото усвојување не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Иванов не е над Уставот и нема да успее да внесе нови поделби, Македонија е едно општество за сите“, додаваат од СДСМ.