Регионална балканска средба во Берлин за дискриминацијата на Ромите

Повеќе од 80 претставници на министерства на земјите од Западен Балкан и Турција, се собраа во Берлин на средба посветена на дискриминацијата на Ромите, со цел да се осигура препознавање на оваа дискриминација во регионот.

Дводневната средба е под покровителство на Регионалниот совет за соработка (РСС) и во организација на германските власти, а во рамките на проектот „Интеграција на Ромите 2020“.

– За нас е многу важно да се формулираат соодветни политики што водат во интеграција, а не натамошно исклучување на Ромите. Тука не станува збор за пронаоѓање на виновникот, туку за унапредување на нашите капацитети и резултати од работата – изјави заменикот генерален секретар на РСС, Газменд Турдиу.

Кристина Лудерс, директорка на германската Сојузна агенција за борба против дискриминацијата, потсети дека Ромите и Синтите се најгoлемите малцинства во Европа и дека омразата и расизмот против нив е проблем на цела Европа.

– Најважна работа што можеме да сториме, е да покажеме солидарност и да не носиме одлуки во име на малцинствата, туку наместо тоа да се погрижиме да ги засилиме и да ги слушнеме гласовите на Синтите и на Ромите – изјави Лудерс.

На собирот се одржуваат низа панели на кои се прави преглед на практиката на европските политики за борба против дискриминацијата на Ромите, соопшти РСС.

Интеграцијата на Ромите и прекинување со дискриминаторските политики и практики, од средината на 2016-тата година е составен дел од условите за прилкучување на земјите кандидати за членство во ЕУ.