Речиси две третини од општинскиот буџет на Аеродром за плати и за дотации

На вчерашната 59. седница на Советот на Општина Аеродром, беше донесен буџетот за 2017 година, кој изнесува околу 18 милиони евра и е сличен на годинешниот, се вели во соопштението на Општината.

Од него, 11 милиони евра се предвидени за дотации и за плати во основните училишта и во градинките и за општинската администрација. Остатокот, односно седум милиони евра, се планира за реализација на проекти и тоа едната половина за довршување на почнатите проекти во 2016 година, а другата половина на средствата за нови проекти предвидени за 2017 година.

„Буџетот за 2017 година се базира врз реалните приходи што ги очекува Општината. Ние сме една од ретките општини во Република Македонија што не се задолжени ниту денар и што ги сервисира редовно своите обврски врз основа на своите приходи, а не на кредити за реализација на проекти“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Меѓу покрупните проекти опфатени во буџетот за реализација во 2017 година се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче, како и реализација на инфраструктурни објекти како изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улици.