Расправата за извештаите на Јанева и на Зврлевски ќе продолжи в понеделник

Комисиската расправа на која се разгледуваше извештајот за работењето на Специјалното јавно обвинителство и на која пратениците ѝ поставуваа прашања на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, заврши, a ќе продолжи в понеделник.

По паузата, пратениците од власта и од опозицијата продолжија со меѓусебните обвинувања во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство, па пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, истакна дека „овие три дена се покажала неспособноста на Јанева да помогне во решевањето на политичката криза“.

Тој ја обвини Јанева дека е „последната надеж на СДСМ за на каков било начин да дојдат на власт“.

Пратеникот на ЛДП, Горан Милевски, даде поддршка за работата и за продолжување на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на СЈО.

– Овде се изнаслушав за презумција на невиност, а тоа го слушнав од луѓето што 10 години уста не отворија кога со вперен пиштол се апсеше Љубе Бошкоски. Тогаш не се сетија дека Бошкоски има жена и деца и дека тоа се гледа на телевизија – изјави Милевски.