Промоција на романот „Рапави стихови“ од Милован Стефановски

Романот „Рапави стихови“ од македонскиот писател и поет Милован Стефановски ќе биде промовиран денеска во кино „Култура“, во 12 часот. Најновото прозно дело на Стефаноски го објави „Везилка 2011“, во својата едиција „Проза“.

– Романот „Рапави стихови“ поставува едно суштествено прашање како да се преобрази куќата во дом, во топло семејно огниште. Кога животот се поминува во потрага по таков дом кој ќе биде огледало на архетипот на домот, природно е да се очекува да дојде до опсесивна обземеност од идејата за враќањето во првата куќа, природно е да дојде до фасцинација од идејата за првата куќа (не од самата куќа!) – пишува во  поговорот на романот Катица Ќулавкова.

На промоцијата, освен Ќулавкова, ќе говори и Ристо Лазаров. Извадоци од романот ќе интерпретира Олгица Марковска, додека музичката илустрација е на Ангел Витанов, на гитара.