Утре отварање на изложбата „Навезени спомени“

Утре во Музејот на Република Северна Македонија со почеток во 13:00 часот ќе биде отворена изложбата „Навезени спомени“. Изложбата е содржана од 53 различни, најкарактеристични народни везови од различни етнографски области на нашата земја.

Изложбата е поставена во чест на нашиот реномиран и меѓународно признат поет и основоположник на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Со отворањто на изложбата, музејот дава свој придонес кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на соврмената македонска филологија и лингвистика.

Везовите коишто се поставни во 30 рамки претставуваат значајно сведоштво за креативноста, оригиналноста и вештината на жената – везилка, но и за традицијата што со векови се пренесувала од колено на колено.

„Неслучаен бил поривот на нашиот голем, но и светски признаен поет Блаже Конески
да ја воспева македонската жена. Во песната Везилка и Убавите жени, тој ги воспева нејзините најдобри, единствени и неприкосновени вредности: улогата на мајка, чувар на куќата и домот, вредна домаќинка, но и исклучително инвентивна и талентирана жена, везилка. Тоа се неговите најубаво испеани стихови за неа, за жената, за мајката, за сите мајки посветени докрај на домот, на семејството и сите потреби што произлегувале од него во секојдневниот живот. Преку везовите, жената ги раскажала своите најдлабоки чувства, ја извезла својата животна приказна проткаена со среќа и тага, со болка и радост, копнеж и надеж, одважност и храброст, стравови, сомнежи и јанѕи, чувства коишто постојано се испреплетувале и се испреплетуваат во секој човек“, се вели во кураторскиот текст на кустосот Горданче Видиниќ.