Пожаране ќе биде домаќин на манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“

Гостиварското шарпланинско село Пожаране утре ќе биде домаќин на околу 300 планинари и велосипедисти, во рамки на манифестацијата „Да пошараме до Пожаране“.

Мотото на оваа манифестација е „Да ги откриеме прекрасните и недопирливи убавини на околината на село Пожаране“.

Ќе се организираат две планинарски и две велисипедски тури, со кои љубители на планината ќе уживаат во искачувања на врвовите Голема Враца и Мала Враца. Ќе се посети археолошкото наоѓалиште Долна локва. Првата тура на велосипедистите, чија крајна цел ќе биде Пожаране, ќе се упати од Попова Шапка, а втората тура ќе тргне од Гостивар.

– Целта е да го вратиме животот на нашето село, кое е прочуено по убавата Благуња, за која народот ја испеал и песната „Благуњо дејче пожаранче“. Со организација на оваа и на слични манифестации, сакаме да го развиваме селскиот туризам, за што нашето село има идеални услови – велат организаторите.

Пожаране е на 15 километри оддалеченост од Гостивар.