!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поради годишнината од Рамковниот, Џафери ја презакажа седницата за в понеделник


       
Скопје, 12 август, 2017 - 23:12 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се премисли и расправата за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, која требаше да продолжи утре, ја презакажа за в понеделник.

На официјалната интернет-страница на Собранието стои дека за утре не се предвидени никакви активности во законодавниот дом, а продолжението на седницата е закажано за в понеделник во 11 часот.

Пратениците, како што објави „Телевизија 24“, веќе добиле смс-пораки дека седницата планирана за утре е презакажана.

Според неофицијални информации, седницата се одложува поради активностите на дел од политичарите и пратениците околу одбележувањето на 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Од кабинетот на Џафери вечерва соопштија дека утре во 19 часот тој ќе има обраќање по повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, што ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Во најавата за обраќањето на Џафери, нема информација за одложувањето на собраниската седница.

Инаку, собранискиот спикер на денешното продолжение не го прифати барањето на кооридинаторот на една од 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, седницата за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски да продолжи в понеделник. Џафери изјави дека пратениците на опозициската партија ја поставиле динамиката во која тече дебата и дека додека имаат работа ќе мора да работат.