Почина Мајк Илич, еден од најголемите донатори на ОМД

Вчера на 87-годишна возраст почина Мајк Илич, еден од најбогатите Македонци во светот и еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен донатор на Обединета македонска дијаспора (ОМД).

Веста ја соопштија локалните медиуми од Детроит, каде тој важеше за исклучително почитуван и влијателен граѓанин.

Мајк Илич (односно Мајк Илиевски, по татково презиме), е роден во САД, а по потекло е од Македонија. Тој е роден во 1929 година како прва генерација од децата родени во САД на македонските иселеници Сотир и Султана Илиевски.

Списанието „Форбс“ во листата на најбогати лица во светот за 2016 година, процени дека тој се наоѓа на 86. место меѓу 400 најбогати Американци. Неговото богатство беше проценето на шест милијарди долари.

Семејството Илич го поседува ланецот од пицерии „Малиот Цезар“ (Little Caesar’s Pizza) кој е распространет во САД и во Канада, и кој се смета дека е на трето место по „Пица хат“ и „Доминос“.

Илич беше сопственик и на хокеарскиот тим „Ред рок вингс“, како и на бејзбол тимот „Детроит тајгерс“.