Пијани битолчани сакале да се тепаат во полициска станица

Вчеравечер, околу 2.30 часот, во битолскиот кафе-бар „Расчекор“, Ѓ.Т.(34) од Битола, кој бил во друштво со уште три лица и бил видно под дејство на алкохол, без повод и причина почнал насилнички да се однесува, нарушувајќи ги јавниот ред и мир со викање и со непристојно однесување.

Во непосредна близина до него седел полициски службеник, кој се легитимирал, повикувајќи го истиот да се повлече и да престане со таквото однесување. Во тој момент, Ѓ.Т. се доближил до полицискиот службеник и му упатил сериозни закани по животот и телото, а потоа со тупаница му задал еден удар во пределот на главата, нанесувајќи му телесни повреди. Со ова дејство предизвикал чувство на загрозеност кај присутните, страв и несигурност, при што истите во паника и со трчање го напуштиле објектот.

Полицискиот службеник го лишил од слобода Ѓ.Т. и го привел во СВР-Битола, каде му било извршено алкотестирање, при што е утврдено присуство на 2,83 промили алкохол во крвта.

Околу 3 часот, во СВР-Битола дошле М.Ј. (33) и Ј.К. (27), двајцата од Битола, кои побарале да го земат Ѓ.Т., по што почнале да ги навредуваат присутните полициски службеници, а откако било побарано од истите да се легитимираат, одбиле и во еден момент се обиделе да им нанесат удари со раце.

Лицата се лишени од слобода и извршено е алкотестирање, при што кај М.Ј. е утврдено 2,66 промили, а кај Ј.К. е утврдено 1,63 промили алкохол во крвта. На пријавените им е одредена мерка притвор во траење од осум дена.