Пијан полицаец од Кочани ја тепал сопругата и дивеел дома

Психичко и физичко малтретирање од нејзиниот сопруг пријавила вчера 38-годишната К.А.К. од Кочани. Таа во Полициската станица во градот кажала дека нејзиниот сопруг М.К. (39) вработен во МВР, под дејство на алкохол почнал да и се заканува дека ќе ја убие и барал да замине од дома и да го остави нивното седумесечно бебе.

Жената пријавила и дека нејзиниот сопруг секој ден бил пијан и во повеќе наврати на сличен начин ја малтретирал психички и физички. На 3 декември лани, според пријавата, тој под дејство на алкохол го извадил службениот пиштол и испукал неколку куршуми во дневната соба.

По наредба на Основното јавно обвинителство Кочани на М.К. му е одземен пиштолот. Во расчистување на случајот е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.