Партиите се договорија околу избирачкиот список, вечерва седница на ДИК?

Сите политички партии до Државната изборна комисија ги доставиле методологиите за прочистувањето на избирачкиот список, што значи дека опозицијата ја прифатила методологијата за прочистување предложена од ДИК.

Откако ДИК официјално ќе ја усвои методологијата, ќе може да ја почне процедурата за прочистување на избирачкиот список.

Како што дознава „Мета“, седница за усвојување на методологијата ДИК може да одржи уште вечерва.

Според оваа методологија, избирачкиот список ќе се ревидира во неколку фази. Постапката почнува со споредба на сегашната состојба на списокот со податоците од последните избори. Во наредната фаза ќе се прави вкрстено споредување на базите на податоци од 10 институции. Во третата фаза ќе се врши теренска проверка на местата каде што податоците нема да се совпаѓаат.

Минатата недела на работните групи, СДСМ на владејачката партија ѝ понуди да ги повлече забелешките што ги има за методологијата за прочистување на избирачкиот список ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги прифати предлозите на меѓународната заедница за реформи во медиумите.

Денеска СДСМ треба до политичките партии потписнички на Договорот од Пржино да достави предлог-закон за медиумите, во кој треба да бидат содржани забелешките и предлозите од белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, а утре да се одржи средба на работните групи.