Пакистанските власти почнаа истрага за авионската несреќа во која загинаа 47 лица

Пакистанските власти почнаа истрага во врска со авионската несреќа, која се случи вчера и во која загинаа сите 47 патници и членови на екипажот, соопштија денеска официјални претставници на властите во Исламабад.

Меѓу загинатите, како што јавуваат светските агенции, имало и две деца и тројца странски државјани, а властите навеле дека во тек е ДНК-анализа за идентификување на жртвите.

Пакистанскиот министер за воздухопловство, Ирфан Елахи, изјавил дека патничкиот авион вчера имал проблеми со моторот, но дека е сè уште рано да се изведуваат заклучоци за причините за несреќата.

Директорот на пакистанската авиокомпанија „Пакистан интернешенл ерлајнс“, Мухамад Азам Сајгол, изјавил дека авионот бил редовно одржуван и дека во октомври годинава ја поминал проверката, која се спроведува по секои 500 часови лет.

„Мислам дека не е во прашање техничка или човечка грешка“, рекол Сајгол.

Авионот на пакистанската авиокомпанија се урна вчера, кратко по полетувањето од аеродром во северозападниот дел на земјата, недалеку од градот Хавелијан, кој се наоѓа на околу 75 километри северозападно од главниот град на Пакистан, Исламабад.