Орав: Нема повеќе време, потребни се брзи и сериозни одлуки

„Политичката криза станува сè подлабока. Потребни се брзи и сериозни одлуки. Нема повеќе време за одложување и за опструкции“, рече евроабмасадорот Аиво Орав на прославата по повод 9 Мај, Денот на Европа во ЕУ-Инфоцентарот.

– Договорот од Пржино од минатата година, создаде надеж кај политичките партии, граѓаните и кај меѓународната заедница. За жал, во изминатава година видовме опструкции, одложувања и неимплементирање на договореното. Помилувањето беше последната капка. Кога се донесе таа одлука, објаснувањето беше дека тоа се прави поради евроатланската интеграција на земјата. Евроатланската интеграција значи демократија и владеење на правото. Но, владеењето на правото го разбираме поинаку. Потребни се брзи и сериозни одлуки. Нема повеќе време за одложување и за опструкции. Европската Унија е тука и ќе продолжи да биде тука за да ѝ помогне да земјата да се приближи до нас – рече Орав.

На прославата присуствуваа спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заедно со обвинителките Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, амбасдорите на САД, Џес Бејли, на Велика Британија, Чарлс Гарет, на Холандија, Ваутер Пломп, на Италија, Масимо Белели, како и претставници на граѓанскиот и на бизнис-секторот.