„Охридско лето“: Вечерва концерт на Максим Венгеров и на „Менухин академи солоист“

На централната музичка сцена, катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, вечерва во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе настапи рускиот виолинист Максим Венгеров, заедно со камерниот ансамбл „Менухин академи солоист“ од Швајцарија.

Во камерниот ансамбл „Менухин академи солоист“, основан во 1977 година од познатиот виолинист Јехуди Менухин, членуваат млади виолинисти, виолисти и виолончелисти од целиот свет.

Од 2011 година, ансамблот редовно настапува со виолинистот Максим Венгеров. На вечерашната програма се дела од Волфганг Амадеус Моцарт и од Дмитриј Шостакович.

Концертот на маестро Максим Венгеров, еден од врвните виолинисти на денешницата, се очекува со нагласен интерес.

Неговиот минатогодишен настап, самата публика го прогласи за настан на летото.

Максим Венгеров на фестивалот во Охрид доаѓа и со репутација на прв уметник во класичната музика, кој е назначен за интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ.

Од 2007 година до денес е предводник на некои од најзначајните оркестри во светот, како симфониските оркестри на Монтреал и на Торонто.