Огнот во Охрид стивна, на теренот влегоа неколку противпожарни возила

Огнот стивна, на теренот на пожарот над Охрид, влегоа и неколку противпожарни возила. Спречено е проширувањето на огнената стихија кон запад, во правецот на безинската пумпа на „Макпетрол“ и дирекцијата на Националниот парк Галичица.

Сè уште може да се забележи по некој пламен јазик, но кон повисоките планински реони. Во несреќата, голема среќа е што немаше ветер, така што и покрај високата температура, пожарникарите можеа да им пријдат на пламените јазици.

Силен пожар изби и беснееше попладнево над Охрид, во подножјето на планината Петрино, во област со далноводи и со преносни предаватели на мобилни оператори.

Постоеше голема опасност пламенот да навлезе во подрачјето на висока и густа борова шума, со што ќе дојдеше до уште поголема стихија.

На површина од неколку хектари, изгоре нискостеблеста шума, главно смрека и борови. Во делот од градот што е најблиску до местото на пожарот, се чувствува мирис на чад.

Охриѓани и бројните гости со страв и со неизвесност го гледаа тоа што се случуваше, барајќи одговор на прашањето зошто не беа испратени да дејствуваат двата „канадери“ на Дирекцијата за безбеност и заштита.

Директорот Шабан Салиу, во изјава за „Мета“ се повика на стандардните процедури за нивно ангажирање.

Засега не се знаат причините за пожарот, на некои портали објавена е информација дека е можеби подметнат, со оглед на фактот што се појавил истовремено на три места.