Од утре нов круг на одлуки за притворите на осомничените за 27 април

Апелацискиот суд Скопје ја отфрли жалбата и го потврди решението на Кривичниот суд со кое му беше продолжен притворот на режисерот Борис Дамовски, кој е еден од осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Со ова, Апелација ги одби жалбите и им го потврди притворот на сите осомничени на кои им беше продолжена мерката, меѓу кои, покрај Дамовски се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен и на уште 24 лица.

Кривичниот суд им го продолжи притворот на осомничените за насилствата во Собранието на 27 декември, минатата година што значи дека утре истекуваат 30-те дена од продолжената мерка.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска не одговорија на нашето прашање дали ќе бараат продолжување на притворите за нови 30 дена.