Објавени имињата на лицата за кои Иванов ја поништи аболицијата

Лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски се дел од лицата за кои претседателот Ѓорге Иванов ја поништи аболицијата, објави „Телма“ повикувајќи се на „Службен весник“.

Во „Службен весник“ може да се прочитаат и имињата на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешниот претседател Бранко Црвенковски, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, советникот во Владата, Мартин Протоѓер, членот на ДИК, Бедредин Ибраими, како и функционерите од локалната власт Коце Трајановски, Ирена Мишева, Тони Трајковски, Владимир Талевски и Владимир Тодоровиќ.

Претседателот Иванов ја поништил и аболицијата за поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и Бранко Палифров, директорот на затворот Идризово, Живко Пејковски, високиот функционер во МВР, Тони Јакимовски, како и членот на општинската изборна комисија во Чаир, Исмет Гури.

Претседателот Иванов вчера ги поништи помилувањата за политичарите, односно за 22 лица од вкупно 56, колку што беа аболирани на 12 април. Другите, кои не се опфатени со денешната одлука, имаат можност да поднесат лични барања за повлекување на помилувањето.