Новиот комесар на ЕУ ќе ја заобиколи Македонија во првата посета

Јоханес Хан, новиот комесар на Европска Унија надлежен за соседска политика и за преговори за проширување, веќе го насочи вниманието кон земјите од Западен Балкан, по само една недела на должност.

Во првата посета на регионов, Хан ќе ги посети Србија и Црна Гора, но на агандата засега не е Македонија.
Како што соопштија претставништвата на ЕУ во Белград и во Подгорица, еврокомесарот за проширување ќе ја посети Србија на 20 ноември, а Црна Гора еден ден подоцна. Во соопштението се наведува дека посетата на Хан на самиот почеток од неговиот мандат, е знак дека преговорите за проширување се високо на агендата на Европска Унија, иако самиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, најави дека во наредните пет години нема да има проширување.

Пред најавената прва посета на регионот, Јоханес Хан се очекува да оствари средба со македонскиот шеф на дипломатија Никола Попоски во Брисел на 12 ноември в среда, што би била прва на новиот еврокомесар за проширување со претставник на една од земјите-кандидатки за членство во ЕУ.