!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МВР: Шест лица и две фирми осомничени за перење пари


       
Прилеп, 24 ноември, 2017 - 12:12 (META) 

Шест лица и две фирми се осомничени за перење пари, со кое незаконски присвоиле 3.650.000 денари (околу 60.000 евра) преку договор за купопродажба на огревно дрво, соопшти МВР.

Како што информираат оттаму, станува збор за лицата И.К. (41) од Прилеп, Ј.Х. (34) од Крушево, Д.Б. (45) од Скопје, С.Д. (64) од Битола, Н.Д. (29) од Велес, Г.Н. (43) од Прилеп и за фирмите „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп и „Дејо интернационал“ ДООЕЛ Скопје.

Според МВР, првоосомничениот во случајот, И.К., како прв основач и управител на фирмата „Прлица“ од Прилеп, заедно со Ј.Х., сопственик на фирма која се занимава со трговија на огревно дрво од Крушево, во првиот квартал од оваа година склучиле договор за продажба на огревно дрво помеѓу фирмата „Прлица“, како продавач, и синдикалната организација на „Фени индустри“ од Кавадарци, како купувач. Со договорот, прилепската фирма се обврзала да испорача 2.800 кубни метри дабови дрва од прва класа и 700 кубни метри буково дрво од прва класа, кои синдикатот на „Фени индустри“ требало да ги плаќа редовно на шест еднакви месечни рати.

„Паричните средства за првите три рати, кои биле уплаќани на жиро-сметката на првопријавената фирма, веднаш биле извлекувани, паралелно со нивниот прием и без какво било реално покритие“, стои во соопштението на МВР.

По исплатените три рати на сметка на „Прлица“, во висина од 3.650.000 денари (околу 60.000 евра), фирмата на средината на мај оваа година го известила синдикатот на „Фени индустри“ дека не е во можност да ги обезбеди договорените количества огревни дрва.

Инаку, како што додаваат од МВР, „Фени индустри“ повела судски спор за случајот.

„Пријавените, секој во својот домен, примале и вршеле пренос на парични средства за да ги прикажат трансакциите помеѓу себе како тековни активности на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп. На таков начин извлекле и противправно присвоиле парични средства во вкупен износ од 3.650.000 денари“, стои во соопштениеот на МВР.