Мотоциклист загина на регионалниот пат Охрид – Струга

Едно лице го загуби животот, едно е со потешки повреди, а уште две се полесно повредени, во тешката сообраќајна незгода што синоќа се случи на регионалниот пат Охрид – Струга, во близина на Оровничка плажа.

Од повредите, на местото на несреќата починал Александар С. (26) од селото Горенци, општина Дебарца.

Тешки телесни повреди добил Р.А. (39) од Охрид, кој поради сериозноста на повредите е префрлен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.

Лицата И.С. (29) и В.Т.(55), двајцата од Охрид, имаат лесни повреди и по извршениот медицински преглед во болницата „Св.Еразмо“ се пуштени на домашно лекување.

– Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по регионалниот пат во правец од Струга кон Охрид управувал мотоцикл марка „јамаха“, при што од засега непознати причини се случил директен судир со патничко такси-возило „форд мондео“ со охридски регистарски таблички. Од ударот, сега починатиот мотоциклист излетал надвор од коловозот – вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, овластен судски вештак, главниот инспектор за сообраќајни работи при СВР Охрид и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.

По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „форд мондео“ и мотоциклот „јамаха“ се подигнати за понатамошно техничко вештачење, а врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција.