Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на името

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека партијата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на името.

„Што се однесува до промена на Уставот, а со цел промена на уставното име на Република Македонија, таа позиција на партијата останува непроменета“, рече Мицкоски во гостувањето на телевизија „Сител“.

Во однос на Законот за употреба на јазиците, тој го повтори ставот на партијата дека содржината и начинот на кој е донесен, е неуставен и нереален.

„Се обидуваме да го нијансираме, а се со цел да го подобриме неговиот квалитет. Не може да се дискутира нешто што ги интересира сите граѓани на Македонија, на седница на која што не е присутна опозицијата и притоа, покрај тоа да поминете како ништо да не се случило“, додаде Мицкоски.

Според него, за Законот за јазици да биде уставен, мора да се формира работна група која ќе ги вклучи сите политички партии и претставници во македонскиот парламент, научната јавност, претставници од МАНУ и од кабинетот на претседателот на државата.