Министерството за земјоделство издвоило средства за порибување на Охридското езеро

Иако веќе четири месеци Охридското езеро е без концесионер, нема рибочуварска служба, а нема ни целосна контрола врз изловувањето на рибниот фонд, сепак, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство издвоило средства за порибување на езерото со личинки на Охридска пастрмка. На прашањето за тоа колкави финансиски средства се издвоени за порибувањето со охридска пастрмка на Охридското езеро за 2019 година, кое го врши Хидробиолошкиот Завод од Охрид, од ресорното министерство, се уште без прецизен одговор.

„Во Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултура за 2019 година, предвидени се финансиски средства за порибување на Охридското Езеро. Програмата се уште е во владина процедура“.

Од кабинетот на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, додаваат дека по објавувањето на програмата ќе се знае износот на финансиските средства предвидени за оваа намена.

Инаку, идниот концесионер ќе го добие езерото на користење според изменета риболовна основа. Измените кои беа направени на почетокот на годинава имаат за цел поголема заштита на рибниот фонд, велат од ресорното министерство.

Има измени во утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот. Исто така, направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам, уверуваат од ресорното Министерство