Министерство за здравство демантира дека исчезнало бебе на Клиника за гинекологија

Министерството за здравство категорично ги отфла информациите пласирани во јавноста дека исчезнало бебе на Клиниката за гинекологија, информираат од таму.

„Министерството ја информира јавноста дека бебето и мајката се на Клиниката за гинекологија и нивната здравствена состојба е добра. Истовремено, сакаме да информираме дека е поднесена пријава до МВР за насилно однесување против семејството на родилката“, се вели во соопштението на министерството.

Реакцијата следи откако таткото на бебето во изјава за телевизија „Сител“ рече дека бебето му го изгубиле.

Директорката на Клиниката, Викторија Јовановска во изјава за „Фокус“ објасни дека, на родителот не му било дозволено да го види бебето, бидејќи имало процедури кога смее тоа да го направи.

– Откако му беше кажано дека според процедурите на Клиниката во тој момент не може да го види бебето, тој почна да крши се околу себе и го вознемири целиот медицински персонал – изјави Јовановска.