Мермер од споменик на Александар Македонски падна и повреди дете во Штип

Споменик на Александар Македонски во Штип

Полуметарска мермерна плоча од споменикот на Александар Македонски на плоштадот во Штип, денеска по 14 часот паднала врз 12-годишно дете.

Според првичните податоци, по завршувањето на наставата, група деца од основното училиште „Ванчо Прке“, на враќање дома, застанале да се сликаат до споменикот, при што една од мермерните плочи од постаментот паднала врз едно дете. Веднаш реагирале од групата, сопреле такси-возило и го пренеле повреденото дете во болница. Оттаму го потврдија случајот. Детето е примено со помало крварење на лицето и со болки во градниот кош. Испратено е на дополнително испитување.

Споменикот на Александар Македонски е поставен пред десетина години, како донација на локален бизнисмен.

Минатата година, при реконструкција на плоштадот, споменикот беше дислоциран во еден од аглите на плоштадот.

В.К.