Коѕиас на средба со шефот на американската дипломатија, Тилерсон

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, вечерва ќе се сретне со новиот американски државен секретар, Рекс Тилерсон. Клучни теми на посетата се очекува да бидат грчката улога во регионалната безбедност, како и врските на Грција со Турција, кипарското прашање и врските со балканските земји.

Пред заминувањето во Вашингтон, за грчката државна информативна агенција АНА, Коѕиас посочи дека се надева овие средби да помогнат да се подобрат врските со новата американска администрација, како и да се испита нејзиното расположение околу грчките ставови и планови по различни прашања.

„Мислам дека со администрацијата на сегашниот претседател на САД имаме стабилни врски и имавме многу средби. Се надевам дека ќе се развиваат и понатаму, ќе разговараме за проблемите во регионот, ќе испитаме до кој степен се совпаѓаат нашите ставови и планови“, истакна Коѕиас за АНА.

Грчкиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со новиот советник за национална безбедност на САД, претставници на различни невладини организации и со грчката дијаспора.

Според весникот „Катимерини“, Коѕиас планира да ја нагласи улогата на Грција, нејзината геостратешка важност, нејзното значење за регионалната безбедност, како и позицијата на државата како сојузник и соговорник за теми како енергетската безбедност, бегалската криза и борбата против глобалниот тероризам.

Се очекува Коѕиас да ги претстави пред новата администрација на претседателот Доналд Трамп и грчките иницијативи и соработка со балканските земји, но и нејзините позиции на Блискиот Исток.