Компаниите бараат институциите да функционираат и да постапуваат по барањата

Министерствата и другите органи на управата со полн капацитет да ги исполнуваат своите обврски, бараат македонските компании.

Од Стопанската комора на Македонија информираат дека долготрајната политичка криза предизвикала определени застои во административните постапки на компаниите пред државните органи.

– Бизнис-заедницата укажува на потребата од одговорно и ажурно постапување на сите надлежни органи, во врска со издавање на определени одобренија, дозволи, согласности или други потребни документи кои се во функција  на непречено одвивање на бизнисот. Генерален став на бизнис-заедницата е дека во определени органи на управата има невообичаени барања за дополнителни документи (кои ги имаат кај нив) и има неоправдани застои во постапките – изјави директорката на Дирекцијата на здруженија според дејности при Стопанската комора, Билјана Пеева-Ѓуриќ.

Оваа сосојба е констатирана при спроведување на анкетата меѓу компаниите во период од 19 до 22 април.

За помош во оваа насока, Стопанската комора формираше оперативна канцеларија каде што компаниите ќе можат да се обратат за помош во спроведување на постапките пред надлежните државни органи за навремено, ефикасно и ажурно остварување на нивните интереси и права.

– Стопанската комора формираше тим што ќе работи по поднесено барање од компаниите, за помош и за поддршка во комуникацијата и во спроведувањето на административните процедури пред министерствата и другите органи на управата – информираше Пеева-Ѓуриќ.

Канцеларијата почна со работа од денеска.