Хојт Ји: Аболицијата мора целосно да се повлече, а не селективно

Помилувањето кое претседателот го направи на 12 април го поткопа не само владеењето на правото, туку и кредибилитетот на земјата која е одлучна да се приклучи кон ЕУ и НАТО, изјави заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Азија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји по средбите со претставниците на политичките лидери.

– Особено е важно лидерите итно да реагираат и да ја санираат штетата која е направена со помилувањето и тоа што е можно најбрзо. Ако лидерите само делумно, селективно го повлечат помилувањето тоа ќе придонесе за уште поголемо зголемување на чувството за неказнивост во земјата и недостиг на одговорност – рече Ји.

Американскиот дипломат истакна дека партиите и лидерите на земјата треба да им дадат целосна поддршка на институциите кои се одговорни за владеење на правото, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство.

– Се додека не се понесе одговорност за злоупотребите кои произлегуваат од прислушуваните разговори, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да може да постигне прогрес кон своите најважни цели, а тоа се НАТО и ЕУ – рече Ји.

Тој истакна дека власта мора да покаже акции и посветеност кон робусната и плуралистичка демократија и посветеност кон реформите кои се утврдени со Договорот од Пржино.

– Македонија, за да стане здрава и просперитетна демократија и за да се врати на патот кон евроатлантските интеграции мора да продолжи кон обновените обврски, за плуралистичка демократија, владеење на правото и транспарентноста – рече Ји и ги повика лидерите да се спроведат договорените реформи и да се зајакнат институциите и да се изгради, инклузивна, одговорна влада.

Заменик-помошникот државен секретар сепак не сакаше да ja коментира вчерашната одлука за враќањето на поранешните министри во владата. Тој рече дека народот и избраните лидери треба да одлучат за формата и составот на владата и оти тоа не е работа на дипломатите.