Извозот лани се зголемил за 6,9, а увозот за 5,7 отсто во однос на 2015 година

Извозот лани изнесувал 4.329.267.000 евра и е зголемен за 6,9 проценти во однос на 2015 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.106.727.000 евра што е за 5,7 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит лани изнесувал 1.777. 461.000 евра.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите од проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали.

Македонија лани најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Италија.