Изгаснат пожарот што му се закануваше на манастирот „Трескавец“

Пожарот што синоќа му се закануваше на манастирот „Трескавец“ кај Прилеп е изгаснат, информираше командирот на Територијалната противпожарна единица, Станко Колески.

По апелите од Општина Прилеп за и граѓаните да се вклучат во гаснењето на пожарот, повеќе од сто доброволци се јавиле на повикот, по што во раните утрински часови пожарот е изгаснат. Сепак, жариштето сè уште го чуваат околу 70 луѓе.

Според Колески, еден дел од пожарот, кон селата Горно Село и Мраморани, сè уште е активен, а во неговото гаснење биле вклучени околу 30 луѓе.

Тој информираше дека во Прилепско се активни уште два големи пожара. Едниот е во атарот на селата Бонче и Крушевица, а неколку дена е активен и пожарот околу селото Никодин, каде што горат 250 хектари дабова и букова шума.

Вчера било интервенирано со хеликоптер од АРМ, а денеска се очекувало да пристигнати авиони од Дирекцијата за заштита и спасување.