Иванов бара реформите во безбедносниот систем да бидат во согласност со Советот за безбедност

Претседателот Ѓорге Иванов, на денешната средба со вицепремиерот Бујар Османи бил информирана за Планот „3-6-9“, во кој се содржани предлог-реформите што произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020, информираат од кабинетот на претседателот.

„На средбата претседателот Иванов побара решенијата во реформите на системот за безбедност и одбрана да бидат во согласност со уставните обврски на Советот за безбедност на Република Македонија, а за заканата од илегална миграција македонскиот претседател побара да се постапува во согласност со воспоставената процедура во Законот за управување со кризите“, соопштуваат од кабинетот на Иванов.

Претходно од кабинетот на вицепремиерот Османи информираа дека тој од Иванов побарал поддршка за спроведување на мерките и на реформите и за остварување на политичко единство за теми како што е договорот со Бугарија, градењето доверба помеѓу Македонија и Грција. Освен тоа, Османи побарал поддршка и за новиот закон за употреба на јазиците за кој рече дека поддршка очекува и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.